За СДУ надворешно-политичките активности на земјата се само одраз на внатрешните состојби, посебно од аспект на политичката и економската стабилност. Прифаќањето на стандардите и што побрзото асоцирање во евро-атлантските структури, претставува апсолутен приоритет на СДУ во надворешно-политичката активност.
Кандидатскиот статус е само чекор на патот што Македонија го оди кон Европската Унија. Република Македонија, ги исполни сите предуслови во 2008 година да го добие статусот на постојана членка на НАТО. Меѓутоа, на Самитот во Букурешт, изневерени беа нашите очекувања, поради ветото на Грција, поради наметнатиот став околу името на нашата земја. Македонија целосно ги спроведе реформите во одбраната и ги исполни останатите политички услови. За сите прашања поставени пред македонското општество, во водењето на надворешните прашања, СДУ има јасен одговор: усогласена внатрешна и надворешна полититика.
СДУ приоритети:
- Полноправното зачленување на Република Македонија во ЕУ и НАТО;
- Зацврстувањето на партнерството со САД;
- Унапредување на односите со Кина и Русија: паралелно со развојот на односите со САД треба да се развиваат и односите на Република Македонија со Русија, Кина, Јапонија и со други значајни фактори на меѓународната сцена;
- Унапредување на односите со соседите и развивањето на регионална соработка, особено во развојот на т.н. Евро региони, како што се: регионот Ниш-Скопје-Софија, Дупница - Крива Паланка - Куманово; Преспанскиот регион и други, кои како проекти се поддржувани од страна на Европската унија;
- Интензивирање на соработката со нашите иселеници и привлекувањето на странски инвеститори.
Република Македонија е соочена со ригиден визнен режим воспоставен од страна на земјите членки на ЕУ. СДУ се залага за што поскоро отстранување на т.н. Шенгенски ѕид, односно за укинување на визите за нашите граѓани.
Останувајќи отворена за интензивирање на соработката во сите домени, Република Македонија треба јасно да ги истакнува и цврсто да ги штити своите национални интереси во поглед на споменатите прашања за односите со соседите, како и во однос на обележувањето на границата со Косово.
СДУ ќе се залага за интензивирање на соработката со нашите иселеници на културен и економски план. Важно прашање е и стимулирањето на нашите иселеници-бизнисмени да вложуваат во Република Македонија. За остварување на соодветно влијание на иселениците во политичкиот живот во земјата, во иднина треба да се даде шанса иселените македонски државјани да гласаат на изборите.


