Во Република Македонија има реални потенцијали значително да се унапреди развојот на туризмот со поактивно валоризирање на компаративните предности што ги има. Во изминатиот период, меѓутоа, Република Македонија ги загуби досегашните туристички партнери во странските земји поради нивото на цените и квалитетот на услугите. Затоа, во наредниот период туристичкото стопанство би морало да вложи сериозни напори за да ја врати довербата кај одредени туроператори од Холандија, Белгија, Германија, Скандинавските и други земји, за организирање на континуирани аранжмани во македонските туристички центри, како и привлекување на туристи од Грција, Блискиот Исток и Северна Африка, за користење на зимско рекреативните центри во нашава земја. Посебна цел на развојот во наредниот период треба да биде унапредувањето на туризмот со странски гости.
СДУ приоритети:
- Дефинирање на приоритетите и динамиката на идниот развој;
- Комплетирање мрежа на туристички агенции во поважните туристички дестинации;
- Креирање нови институции, во прв ред владина Агенција за поттикнување и развој на туризмот;
- Категоризација на сместувачките капацитети според светските и европските критериуми;
- Развој на селскиот туризам со помош на соодветни наменски кредити со грејс период за да се создадат капацитети што ќе го апсорбираат сe поголемиот број туристи што се решаваат на овој вид одмор;
- Организирање на патни одморалишта со паркинзи и санитарни чворови, како и продажно-услужни пунктови на потегот Табановце-Гевгелија, но и на други патни правци што водат до значајни туристички дестинации;
- Реконструкција на жичарниците и тешката опрема во зимските туристички центри;
- Организирање асоцијација за хотелско-угостителска дејност, која ќе се ангажира за унапредување на квалитетот и стандардот на услугите и конкурентноста на туристичката понуда;
- Законски прописи за регулирање на статусот, работата и категоријата на претпријатијата и на други деловни субјекти во туристичката сфера.
Националното богатство од бројните термоминерални извори и бањите во моментов не се уредени, а далеку се од модерни лечилишта, а особено не како рекреативно-туристички центри. Не многу подобра е и состојбата и во зимските спортски центри. Транзитниот туризам има значајни реални шанси под услов да се подготви комплексна и диференцирана програма за поинтересните локалитети: археолошки, културно-историски, природни. За таа цел треба да се поттикне приватната иницијатива или да се дадат концесии на странскиот капитал.


