Согласно Светската Комисија за животна средина и развој (позната како Bruntland Commission) Нашата заедничка иднина во 1987 година го дефинира одржливиот развој како: „Развој кој ги задоволува потребите на сегашната генерација, без да ги компромитира можностите на идните генерации да ги задоволат своите сопствени потреби“. Понатаму продолжува: „Во суштина, одржливиот развој е процес на промени во кој експлоатацијата на ресурсите, насочувањето на инвестициите и насочувањето на технолошкиот развој и институционалните промени се во хармонија и го зајакнуваат сегашниот и идниот потенцијал за да се задоволат човечките потреби и аспирации.“
Сегашната ситуација во однос на економскиот просперитет, социјалната кохезија и заштита на животната средина во Република Македонија не им обезбедува на македонските граѓани соодветно добар квалитет на животот. Уште повеќе, не постои значителна врска помеѓу овие три основни столба, на економски, социјален развој и заштита на животната средина, која во пракса се сведува на изолирани секторски политики и краткорочни резултати.
Верувањето дека социјалните, економските и целите на животната средина треба да се надополнуваат и преплетуваат низ процесот на развојот е јадрото на концептот на одржлив развој. Сите македонски граѓани би требало да ја разберат филозофијата на одржлив развој, бидејќи тие имаат главна улога во изградбата на одржливо општество. Во ситуација кога имаме неповолен демографски трендови во земјата, претставени преку забрзано стареење на населението и интензивно емигрирање во странство, концептот на одржлив развој е многу важен за постигнување одржливост на човечкиот капитал во Република Македонија.
Со одржливиот развој на Република Македонија се обезбедува интегрален начин на планирање, кој пак, ја преставува базата за сите други политики и стратегии во различни сфери. Со тоа одржливиот развој во Република Македонија мотивира промени во однесувањето кај секој граѓанин, на пр. како да се справуваат со цврстиот отпад, да размислуваат за користење на обновливите енергетски извори и да мотивираат инвестиции во тој правец, а и да ги мотивираат институциите да служат за доброто на целото општество. Сето ова дава една целосна, мозаична слика за тоа како сакаме да се однесуваме денес во корист на идните генерации кои доаѓаат.
Политиката на заштита и унапредување на животната средина и природата, СДУ ќе ја остварува преку создавање на услови и економски можности за примена на современи техники и технологии за спречување или ограничување на загадувањето и деградација на животната средина и природата. Притоа, трошоците за заштита на животната средина треба да се третираат како составен дел на дејноста, а не како екстра трошок. Тие трошоци во основа треба да паднат врз товар на загадувачот.
СДУ приоритети:
- Законски прописи со кои ќе се ограничи загадувањето на животната средина на нивото пропишано со техничките стандарди за соодветните опреми или уреди;
- Изградбата на новите инвестиционо-технички објекти особено индустриски да бидат сообразени со меѓународните норми и стандарди;
- Класификација на одредени локалитети и ограничување на нивото на загадувањето на животната средина, зависно од степенот на загаденоста и значењето на локалитетите - како природни еко системи и слично.


