СДУ смета дека се невозможни решителни структурни реформи, без претходно да се подобри инвестиционата клима, како за домашните така и за странските инвеститори.
СДУ приоритети:
- Обезбедување ефикасна законска регулатива за подолг временски период;
- Фер конкуренција и подеднакви услови за пристап до бизнисите, каде што извршната власт нема да може и нема да смее да става рака;
- Укинување или поедноставување на дозволите што го спречуваат нормалното работење на стопанските субјекти;
- Функционален Катастар, односно реформирање на сегашниот Катастар за брзо регулирање на сопственоста на недвижниот имот.
6.1. БАЗИЧНИ ГРАНКИ: ИНДУСТРИЈА, РУДАРСТВО И ЕНЕРГЕТИКА
Меѓу основните расположливи ресурси за натамошниот развој на Република Македонија можат да се имаат предвид потенцијалите што постојат во преработувачката индустрија. Тука, пред се’ се: металопреработувачката индустрија, хемиската, прехранбената, текстилната, кожарската, тутунската, индустријата за хартија и слично. Тие треба да го ангажираат работоспособното население.
6.2. ИНДУСТРИЈА
Политиката на целосно искористување на сегашните индустриски капацитети и со инвестирање во нови, СДУ ќе ја спроведува со зголемување на индустриското производство, извозот на производи (не вклучувајќи го лон - производството), инвестициите, а со самото тоа и бројот на вработени во индустрискиот сектор.
СДУ се залага за поголема искористеност на индустриските капацитети, со ревитализација и техничко-технолошко иновирање на основните средства и со подобрување на продуктивноста. Осовременувањето на техниката и технологијата ќе овозможи преструктуирање на производството со повисоки фази за преработка, проширување на извозот и зголемување на профитабилноста.
СДУ приоритети:
- металопреработувачката индустрија
- електроиндустријата и електрониката
- дрвна индустрија
- хемиско-фармацевтската, и
- индустријата за потребите на домаќинството.
СДУ ги преферира малите и средни претпријатија кои со бројноста, разновидноста, диверзифицираноста и ефикасноста стануваат клучен елемент за јакнење на националната економија и развојот. Овие претпријатија ќе се развиваат во сите области каде што организацијата на производството или пазарот бара мали високо продуктивни организациони структури. Тие се брзо прилагодливи на пазарните потреби, а особено за снабдување со делови и полуфабрикати на големите друштва во финализација на мали серии и специфични потреби.
СДУ цени дека услови за поинтензивен развој на мали и средни претпријатија ќе се создадат особено во електронската индустријата, металопреработувачката и електронската индустрија.
6.3. РУДАРСТВО
Развојот на минералниот комплекс унапреди многу градови како што се Битола, Прилеп, Велес, Куманово, Кавадарци, Неготино, Радовиш и други. Посебно значајна улога минералните суровини имаат во неразвиените подрачја во Република Македонија. Во Источна Македонија, во Злетовскиот регион, израсна нов индустриски град Пробиштип. Меѓутоа, во изминатите години, поради тешките услови на стопанисување што настанаа со губење на традиционалните пазари, отежнатите комуникации и падот на цените, особено кај обоените метали, дојде до намалување на стопанската активност на производството и економско слабеење на стопанските субјекти.
СДУ приоритети:
- Рестартирање на капацитетите во рударските подрачја преку привлекување странски и домашен капитал;
- Развој на малото стопанство со неметални минерални суровини, бидејќи со релативно мали вложувања ќе се постигнат значаен развој во овој дел.
6.4. ЕНЕРГЕТИКА
Освен во делот на хидропотенцијалот и краткорочно кај јагленокопите, Република Македонија е земја зависна со сите видови на енергија. Од тие причини земјата е принудена голем дел од своите потреби на енергија да ги обезбедува од увоз, со што, зависно од условите на светскиот пазар, е изложена на ризик од недостаток и ценовни удари. Од друга страна, пак, Македонија троши значително повеќе енергија по единица бруто домашен производ од развиените земји.
СДУ приоритети:
- Финализирање на долгорочна стратегија на развојот;
- Поголемо искористување на расположивите домашни енергетски ресурси, вклучувајќи ги и алтернативните, односно обновливите видови на енергија;
- Обезбедување на неопходна инфраструктура и други комерцијално-технички и економско-правни услови за постигање на максимална диверзификација и ефикасност во снабдувањето со увозните видови на енергија;
- Целосна либерализација и конкуренција на производството, увозот и прометот на енергенси во земјата;
- Стимулирање на штедењето и зголемување на ефикасноста на користењето на енергијата.
6.5. НАФТЕН СЕКТОР
Во Република Македонија овој сектор, практично, е целосно приватизиран. Од друга страна, веќе подолго време присутно е постојано зголемување на цената. Таквиот тренд се очекува да продолжи и во наредните години, што ќе доведе до долгорочно битно зголемување на трошоците на работење на стопанските субјекти и трошоците на живот на населението и ќе има осетно негативно дејство врз трговскиот биланс на земјата. За ублажување на негативните последици, во овој енергетски сектор покрај општите, ќе се преземат и посебни мерки и активности, како што се:
- Прилагодување на правната и техничката регулатива со цел да се постигне зголемување на конкуренцијата во прометот со течни горива;
- Воспоставување на ефикасна контрола на квалитетот на течните горива во сите фази на нивното производство и промет. За оваа цел ќе се преземат организациони и материјални мерки за обезбедување на независна контролна лабораторија;
- Изработка на програма и донесување на соодветни правни и технички прописи за штедење и подобрување на ефикасноста на користењето на течните горива во сите подрачја на нивна примена;
- Обезбедување на правна рамка и начини на стимулирање на реализација на проекти за истражување и производство на алтернативни видови на течни горива;
- Обезбедување на политичка, правна и, во рамките на можностите, материјална поддршка на изградбата на транзитни нафтоводи низ нашата земја. Такви проекти овозможуваат на земјата остварување на значителни приходи и постоење на алтернативни правци на снабдување со сурова нафта и намалување на транспортните трошоци.
6.6. ПРИРОДЕН ГАС
СДУ ќе се ангажира за подобрување на набавките со природен гас. Притоа ќе работи на обезбедување на услови и партнери за проширување на магистралниот гасоводен систем.
СДУ приоритети:
- Законски прописи со кои ќе се обезбеди правото на секој сопственик или овластен увозник на гас на непречен транспорт на гасот низ магистралните гасоводи во земјата;
- Забрзана изградба на гасоводни мрежи во поголемите населени места во земјата преку давање на концесии на домашни и странски инвеститори;
- Активно залагање и овозможување на соодветен вид на поддршка на реализација на проекти за продолжување на нашиот гасоводен систем кон соседните региони, односно за изградба на транзитни меѓународни гасоводи низ нашата земја.


