Основните таргети на макроекономската политика, во наредиот период, според СДУ треба да поагаат од зголемувањето на бруто домашниот производ, со стапка на просек од 5 до 6% на годишно ниво. Тоа, истовремено ќе значи, зголемен инвестициона активност со максимално мобилизирање на домашната акумулација, но и директни странски приливи;
- Контролирана инфлација која на годишно ниво не смее да достигне повеќе од 5% и буџетскиот дефицит исто така треба да изнесува најмногу 3% на годишно ниво, што ќе овозможи Република Македонија да стане привлечна за странски и домашни инвестиции. Макроекономската стабилност, всушност, би требало да помогне за привлекување на странските директни инвестиции, кои уште долго време ќе бидат значајни со оглед на ниското ниво на домашните заштеди;
- Пораст на вкупната економска ефикасност и премин кон одржлив пораст:
Со оглед на фактот што Република Македонија е мала отворена економија, извозната ориентација на македонското стопанство се смета како една од позначајните цели на севкупната политика. Трендот на зголемување на увозот во однос на извозот и неговата се помала покриеност мора да се промени. Имено, извозната ориентација ќе значи и подобар квалитет, унапредување на технологијата, поголемо користење на знаењето и квалификациите, а како резултат на сето тоа постигнување на одржлив пораст.
- Зголемувањето на стандардот на населението е еден од приоритетите на политиката на СДУ.
5. 1. МАЛА И ЕФИКАСНА ЈАВНА АДМИНИСТРАЦИЈА
- Мала, но ефикасна државна администрација, која целосно ќе биде оптимално структуирана и пред се’ посветена за задоволување на потребите на нејзините граѓани, претставува примарна задача и цел на СДУ.
- Професионализација и целосна деполитизација на јавната администрација преку однапред поставени критериуми за вработување и за извршување на задачите на државните службеници;
- Јавната потрошувачка за непродуктивни буџетски расходи во однос на бруто домашниот производ треба да се намали. СДУ може, во согласност со барањата на светските финансиски институции, а пред се’ со потребите на граѓаните, да ја намали јавната администрација најмалку за 10%, со што средствата што ќе се заштедат ќе се пренасочат за други продуктивни инвестиции и проекти;
- Намалување на дискреционите права на министерствата и воведување механизми за контрола, како и следење на работењето на администрацијата од страна на граѓаните. Тоа ќе значи максимално редуцирање на бирократијата и корупцијата преку дерегулација;
- Строго почитување на законските прописи што се однесуваат на децентрализацијата, на економските, социјалните и политичките интеграции во локалната самоуправа;
5.2. РАЗВОЈНА БУЏЕТСКА ПОТРОШУВАЧКА
Поаѓајќи од досегашните искуства, од една, односно имајќи ги предвид проекциите на изворните приходи, од друга страна, се разбира со планиран дефицит, СДУ ќе се залага за политика на постепено намалување на буџетските расходи, со строга стратегија во кои области ќе се инвестираат средствата и каде ќе биде потребна развојна компонента што ќе ја заздрави економијата и ќе овозможи брз пораст на претприемаштвото со инвестирање во мали и средни претпријатија.
СДУ се залага за соодветна социјална политика, но не за издвојување толку средства за социјала, туку за зголемување на вработеноста.
За таа цел, ќе биде неопходно продолжување на реформите на пазарот на работна сила, како една од клучните компоненти за подобрување на климата за инвестирање во Република Македонија. Реформите ќе опфатат поттикнување на вработувањето со поддршка на претприемаштвото, поедноставување и намалување на административните процедури, регулативи и администрацијата, со промовирање на флексибилни и различни форми на договори за вработување и работни аранжмани, како и подобрување на пристапот, дообука и преквалификација не само на вработените, туку и на невработените лица.
5.3. СТАБИЛНИ ЦЕНИ И КОНТРОЛИРАНА ИНФЛАЦИЈА:
СДУ се залага за одржување на стабилноста на цените како и едноцифрена стабилна инфлација на подолг рок, која ќе може да се контролира, бидејќи исклучително ниските стапки на инфлација, како што ги имавме во изминатиот период, лошо влијаат врз стапката на економскиот пораст и ова прашање мора да биде приоритетно во натамошните разговори и преговори со ММФ и Светската банка.
СДУ на овој начин ќе ги заштити пред се’ сиромашните и невработените, бидејќи големата инфлација влијае најнапред врз нивниот, и така низок стандард, до целосно осиромашување.
СДУ смета дека стабилноста на цените е еден од предусловите, покрај соодветната законска регулатива, за влез на странски директни инвестиции.
5.4. МОНЕТАРНА И ДЕВИЗНА СТРАТЕГИЈА
Основната цел на монетарната политика за што се залага СДУ е зголемување на домашното штедење, ефикасна алокација на ресурсите, како и намалување на нивото на каматните стапки, со што ќе се поттикне долгорочната инвестициона активност. Преку инструментите на монетарната политика најнепосредно ќе се влијае врз каматните стапки, при што преку нивното менување надолу или нагоре би се регулирала понудата и побарувачката на пари.
5. 5. ДАНОЧНА ПОЛИТИКА ВО ФУНКЦИЈА НА ИНВЕСТИРАЊЕТО
Реформите во даночната политика СДУ ќе ги насочува во правец што ќе овозможи привлекување на домашни и странски инвеститори и зголемување на вработувањето. Со насочувањето во производните процеси на дел од средствата што сега се наоѓаат во банките во земјата или во странство, ќе се овозможи зголемување на бруто домашниот производ, што значи излегување од долгогодишната економска криза.
СДУ преку реформите на даночната политика ќе обезбеди:стабилна даночна политика на подолг рок, во насока на развој на стопанството и подигање на животниот стандард на граѓаните.
СДУ приоритети:
- Хармонизирање на нашата легислатива со легислативата на Европската Унија.
- Елиминирање на досегашната практика во повеќе закони да се применуваат даночни ослободувања.
- Информираност на даночните обврзници за секоја давачка да знаат за што плаќаат, нивните обврски и права.
- Превенција на даночната евазија. Елиминирање на двојното оданочување, но и решителна борба за сузбивање на даночната евазија.
- Забрзување на постапките за потпишување и ратификување на меѓународните договори за одбегнување на двојно оданочување со што поголем број земји.
- Независна, деполитизирана, стручна и ефикасна даночна администрација.
- Решавање на постапките за управните спорови најмногу за 60 дена.
- Закон за финансиска дисциплина
- Реформи на пазарот на работна сила
- Намалување на стапките на ДДВ и поедноставени постапки
5.6 УНАПРЕДУВАЊЕ НА ЦАРИНСКА ПОЛИТИКА
СДУ ќе го афирмира принципот на потпишување нови меѓудржавни договори за слободна трговија, со што Република Македонија ќе стане место за слободен увоз, без царински давачки, и земја која ќе извезува се’ повеќе свои производи на пазарите на Европската Унија и во државите каде што се потпишани договорите за слободна трговија.
СДУ приоритети:
- Унапредување на царинските процедури;
- Единствена царинска постапка;
- Поврзување на Царинската управа со Управата за јавни приходи заради единствени податоци при контрола на правните и физичките лица;
- Зголемена контрола за намалување на сивата економија;
5.7. УНАПРЕДУВАЊЕ НА БАНКАРСКИОТ СЕКТОР И ОСИГУРИТЕЛНИТЕ КОМПАНИИ
СДУ, во овој домен, ќе сугерира кредити за пониска цена на позајмениот капитал, што значи помали стабилни каматни стапки. Создавањето вистинска пазарна конкуренција и здрав банкарски систем ќе овозможи овие цели што ги предвидува СДУ да се реализираат во што пократок период. Силен елемент на конкуренцијата претставува влегувањето на странски банки, особено познати брендови или филијали на странски банки во домашниот банкарски систем. Странските банки, како што покажа досегашната практика, ја подобруваат алокацијата на кредитите, го пренесуваат нивното искуство, како и деловните техники. Притоа, битно е лиценци да им бидат дадени на бонитетни странски банки со шт би се минимизирале можностите за финансиски потреси и измами.
СДУ приоритети:
- Банкарскиот систем да стане стопанска гранка што ќе има големо значење за развојот на стопанството;
- Да се зголеми довербата во банките, а со тоа индивидуалните заштеди ќе значат зголемен инвестиционен потенцијал во Република Македонија;
- Финансискиот капитал да се стави во функција на економскиот развој.
Небанкарските финансиски институции (сегашниот ПИОМ и приватните пензиски фондови), заедно со една или повеќе осигурителни компании можат да се трансформираат во значајни финансиски посредници, кои би го стимулирале долгорочното штедење.Тие примарно ќе бидат дизајнирани како конвенционални инвестициони фондови што ќе ги мобилизираат заштедите на малите инвеститори и ќе овозможат диверзификација на нивните портфолија. Доколку во текот на времето успеат адекватно да се капитализираат тие би можеле да играат поголема улога во корпоративната контрола и реструктуирањето на претпријатијата.
5.8. НЕВРАБОТЕНОСТА И НОВИТЕ УСЛОВИ ЗА ВРАБОТУВАЊЕ
Во Република Македонија, во моментов, околу 37.000 корисници примаат паричен надомест по основ на технолошки вишок и стечај, а околу 66% од вкупниот број на евидентирани невработени лица користат здравствено осигурување преку Агенцијата за вработување на Република Македонија (АВРМ). Таквата состојба е неодржлива на подолг рок.
СДУ приоритети:
- Донесување Закон за неформалното образование (образование за возрасни);
- Намалување на давачките на работодавците ;
- Утврдување на бенефиции за самовработување;
- Утврдување на пониски давачки за лицата кои располагаат со земјоделско земјиште, давање на неискористеното земјоделско земјиште по поволни услови на лица кои можат да се бават со земјоделие;
- Ангажирање на невработените лица-корисници на социјална помош во јавни работи, организирани од локалната самоуправа и работодавците од јавниот сектор, со обезбедување на паричен надоместок за времето за кое се ангажирани ќе обезбеди активирање на лицата кои се само пасивни корисници на права и можност за нивно вработување;
- Спречување на злоупотребите врз лицата со посебни потреби кои се вработуваат од страна на работодавците со доделување на средства на работодавецот од Посебниот фонд за вработување на инвалидни лица;
- Измени на Законот за работни односи во насока на утврдување на волонтерска практика за млади невработени лица со завршено средно и високо образование со цел генерирање на нови работни места по пат на непосредна понуда на вештините на невработените лица на работодавците.


