( Или: За достоинството на Охрид )
Пишува: Веле Митаноски, потпретседател на СДУ и носител на советничка листа во Охрид
“... Локалната самоуправа, ќе ја развиваме на начин, кој ќе помогне, во што е можно пократок рок, локалните власти да постанат, пандан, односно равнотежа на централната власт”...
( Од Изборната програма на Социјалдемоктратска унија - СДУ )
По вокација сум новинар, по образование дипломиран професор по македонски јазик и литература. Пишувањето ми е “во крвта” уште од основното, осумгодишно образование. Првите новинарски форми стојат забележани во тогашниот весник на охридската гимназија “ Јужен бран”, за потоа да зачестат во студентските и младински списанија, за време студиите во Скопје. По дипломирањето, мојата новинарска траекторија е доста специфична: од “новинар во здружениот труд” - така тогаш се нарекуваше ангажманот во гигантот што подоцна го раскрчмија - “ОТЕКС” ( билтен, весник, радиостаница...), преку локалните редакции ( директор на Радио Охрид и главен и одговорен уредник на “Езерски Глас” ), до најпрестижните редакции во Македонија ( дневникот “Вечер” и неколку неделници), потоа во тогашна Југославија ( ТАНЈУГ), и повторно преку самостојна Република Македонија (МИА), до светски редакции, од рангот на “Гласот на Америка”, каде имав можност да завршам едномесечен клурс по новинарство.
Новинарството ми е “друшка” 4 децении. Политиката, за мене била само своевиден излет, попатна станица. Дури и кога сум извршувал одговорни државни функции - 3 години директор на Агенцијата за информации на Република Македонија и 2 години пратеник во Собранието, не сум се одвојувал од професијата. Во првиот случај, функцијата во Агенцијата, дури и во суштинска смисла, беше новинарска ( еден период, паралелно ја раководев Канцеларијата за односи со јавност во Кабинетот на тогашниот премиер Бранко Црвенковски ), додека пак претеничкото време го ползував, и со новинарството ја одржував врска, со колумните за најпрестижнките дневни весници во земјата.
Моите врски со политиката се остварувале преку членство во политичките организации. Како војник, истовремено најдобар питомец на првата генерација на Школата за резервни старешни, 1974 година во Битола, бев примен во СКМ, односно СКЈ, подоцна СКМ ПДП и СДСМ. Во 2005 година бев иницијатор, еден од оснивачите, автор на Програмата и поднесувач на програмскиот реферат на Основачкото собрание на НСДП, на кое бев избран за Извршен комисионер. По сплет на околности, минатата година, истата улога ми се повтори со Социјалдемократската унија, на која сум потпретседател.
Со одлука на централното раководство, прифатив да ја носам советничката листа, на овие локални избори во Охрид.
Деновиве, лугето често ме прашуваат: дали една локална, во случајов советничка функција, е доволен ранг, во однос на мојата пратеничка, или други државни функции што сум ги извршувал. Какви се моите одговори, односно кои се моите мотиви, за еден таков ангажман? Прво, јас сум бил советник, или со тогашниот јазик - одборник, уште пред 3 децении. Значи не станува збор за желба за функција, туку за чувство на долг кон својот град. Станува збор и за едно претходно, стекнато искуство на локално ниво. Покрај одборник, еден мандат сум бил претседател на Извршниот одбор на тогашната СИЗ за комунален развој на градот и тоа во времето кога се поставуваше капиталната сообраќајна инфраструктура на Охрид. Исто така, претседател на Матицата на иселениците во Охрид, на Советот за безбедност на сообраќајот.. Мегутоа, многу позначајно од тоа е фактот што Охрид е многу повеќе од периферен град во внатрешноста. Ние мора да сториме се, од Охрид да направиме втора столица во земјата. Нешто, налик на Санкт Петерсбург во Русија. Градските советници во Охрид, да се чувствуваат подеднакво вредни како и пратениците. Во Загреб, на пример, дури и во терминолошка смисла, градските советници се - застапници, исто како и пратениците. Мислам дека и во Македонија, работите се движат во тој правец. Пратеници, поранешни министри, поранешни градоначалници ( дури и на Скопје ) и други авторитети, сега се на советничките листи. На пат сме да го избришеме јазот, односно да ги доближиме по привлечноста, или барем по одговорноста ( се разбира далеку сме од блискоста, во однос на парите и привелегиите ?! ) пратеничката и советничката функција. Нека ми извинат младите “лавови” од ВМРО ДПМНЕ ( не ги знам, иако ги насетувам, нивните вистински намери ) но “прекомандата” на Силвана Бонева, од централаната во локалната власт, според мене, е мал чекор за ДПМНЕ, а голем за Македонија. Барем јас, од моето претходно искуство, Бонева ја доживувам како највредното, најконструктивното, најкохезивното од пратеничката група на нејзината партија, на која не случајно и е шеф, во два мандата.
Но да се вратам на темата. Имено, кога станува збор за Охрид, на него може многу успешно да се преслика онаа позната крилатица на екологистите:”мисли глобално - делувај локално”. Како и да е, мојата врска со Охрид никојпат не била прекината, а моето стекнато искуство, пошироко во земјата и светот, може да биде само драгоцено во натамошниот развој на Охрид, односно во подигнувањето, или уште попрецизно, можеби, враќањето на неговото ДОСТОИНСТВО.
Охрид е, имено, премногу скапоцен и свет простор, за да оставиме било кој да менаџира со процесите на урбанизацијата, политичкото и културното живеење, со образованието... Потребни се многу знаење, пиетет, самодисциплина и , пред се, отсуство на желба за лично богатење на сметка на заедничките вредности. Нешто, на што не учеше уште великиот Прличев. “Совршенство, или смрт” - беше неговото животно кредо.
И токму поради тоа, не само јас, туку и сите охригани, кои постигнале некаков успех во професијата и животот, треба да знеме дека во нашиот успех, значително е вграден Охрид, со сета своја атрактивност. Особено, за новинарите - со мноштвото значајни настани што тука се случуваат. Затоа, сите ние, на некој начин треба да му возвратиме на Охрид за долгот што го имаме кон градот.


