Per aspera ad astra

ПРЕД НОВАТА РУНДА ПРЕГОВОРИ ЗА ИМЕТО

Per aspera ad astra

Колумна во ДНЕВНИК од 04.07.2009 година.
Лазар Еленовски претседател на Социјалдемократска Унија.

Еден од потезите на новата американска администрација би бил и замена на медијаторот, кој чесно и посветено го истера мандатот со поставување на булдожер-медијатор по примерот на Холбрук, кој, се сеќаваме, на мускули ја договори Привремената спогодба.

Продолжението на преговорите за разликите околу името (да не беа и за идентитетот и за јазикот, ако ги слушаме нашиве?!) почна претпазливо, како загревање за новата и се надевам последна рунда на преговори која конечно би требало да го даде договорот за решението. Претпазливо, поради временскиот јаз кој се создаде по долгата пауза за изборите и кај нас и во Грција, по кои ние имаме нов претседател, а Грците ново-стара неизвесност по стабилноста на владата со минимално мнозинство, и новата американска администрација, која сега со шестмесечниот мандат влегува во потребната кондиција да се нафати со светските предизвици и од која веќе се очекува конкретен придонес во завршувањето на процесот.Таква фаза на преговори, во благ амбиент на медитација, ни дава за право да излеземе од секојдневната перцепција и да направиме критички осврт врз главните стереотипи и пречки, кои произведени во кујната на политиката, го замаглуваат патот кон решението и на двете страни.

Прво за суштинската пречка на Република Грција, која го создаде овој ирационален и недемократски спор. Да ја погледаме грчката позиција, но од друга, историска димензија, не од дневнополитичката, каков што беше последниот пример со т.н. голема демократска одлука и изјава на грчкиот премиер за дозволата за слетувањето на македонското авионче на Владата, кое од својата големина тешко и ќе се забележеше на аеродромот во Крф, ако не беше премиерот. Навистина, задача и работа на еден премиер на демократска и развиена држава. Меѓутоа, тој дневнополитички потег за манипулација на сопствената јавност е еклатантен пример за тоа како функционира грчката политика. И општество.

Денес, по 20 години од последната револуција во Европа, повеќе од јасно е дека Република Грција самата веќе одамна се откажа од шансата што беше многу реална, да има лидерска позиција на Балканот. Да појаснам, Грција беше единствена држава во регионот членка на ЕУ и на НАТО на почетокот на 90-тите години т.е. кога почна да се буди демократијата во сите други држави на Балканот (со исклучок на Турција која има многу пошироко геополитичко значење и во тој контекст не се третира како типична балканска држава). Дополнително според економските параметри, таа беше велесила бидејќи нејзиниот БОП беше значајно поголем од сите други заедно.Како таква таа требаше да го помогне вкупниот развој и интеграција на регионот, нешто слично на улогата што ја играше обединета Германија за централноевропските држави или скандинавските за балтичките држави. Таа историска улога Грција ја пропушти (и тоа е навистина тема што самите грчки аналитичари, политичари и историчари треба сериозно да си ја отворат) токму бидејќи не е Германија или Шведска. Бидејќи, пред се', грчкото општество не беше и се' уште не е подготвено да одговори на една таква одговорна задача - да се биде демократски лидер на еден историски процес, а со политичките елити кои ги имаа и се' уште ги имаат, заглавија директно во балканската кал со што во многу примери, не само со Македонија, потврдија дека не само што немаат лидерски капацитет туку често се случува наместо да бидат дел од решението тие да се дел од проблемот. Затоа во Брисел, а особено во Вашингтон, никој веќе не бара од нив никаква задача, туку напротив гледаат да не ги провоцираат и да ги држат настрана од стаклената градина на геополитичките односи.

Од тој историски аспект Грција игра една тажна улога од автентичната грчка трагедија на држава и нација изгубена во историскиот превод, пред се', поради архаичниот митски државен концепт на античко-православната општествена филозофија и менталитет.Извлековме ли некаква поука од тоа? За да можеме да изиграме попаметно и да го сведеме кон завршеток мечот што поскоро. Скоро никаква бидејќи, пред се', имавме политички елити слични како грчките со таа огромна разлика што ние сега правиме држава. На тој начин, и едните и другите, и нашите и нивните, се поддржуваа меѓусебно колку и да изгледа невозможно. До денес исти им се средствата - популизам и магла дома, ригидност и незаинтересираност надвор, во преговорите. За сиот тој период додека си играа, што од незнаење што од умисла, сметката постојано доаѓа кај народот, особено нашиот. Кои се главни пречки и стереотипи на нашата страна:

Теза 1. Името или НАТО. Во суштина дилемата е лажна бидејќи токму со евроатлантската интеграција и безбедносната гаранција што ја нуди Алијансата, источноевропските држави се потврдуваа и се развиваа. Но, тезата има два гамбита еден од друг поголем, кои беа и се широко користени за политичка манипулација зависно од политичкиот момент: прво, дилемата - името или НАТО има широко манипулативен простор бидејќи е недефинирана за кое име станува збор - уставното, меѓународното или некое друго, и второ и позначајно , особено на внимание на тие што се на т.н. браник на името, сите овие години во сите меѓународни институции нашето име не е Македонија, или некоја северна, горна или нова варијанта од тоа, туку е - FYROM. Ако нешто е понижувачко тоа е токму ова име кое остана цели 15 години. Апсурдот во случајот е во тоа што токму тие што се залагаат да не се менува името, па дури и да се прекинат преговорите, се всушност тие што во дадената ситуација свесно или несвесно се залагаат да остане името FYROM. Од друга страна дали е загрозено нашето име и уште повеќе идентитет со тоа што како што вели Ден Сервер на некое парче хартија е нешто напишано? Сведоци сме на целиот процес сиве овие години и одговорот е - категорично не. Напротив. И плус не е ли срамно што од некое парче хартија ние го ставаме во сомнение капацитетот на нацијата и нејзиниот идентитет. Ако е тоа случај, тогаш имаме проблем со самите себе, не со некој друг.

Теза 2. Името го менуваме, но не на сметка на идентитетот и на јазикот. Чудо од теза! И особено интересно е што доаѓа од личности директно вклучени во процесот на преговори уште од самиот почеток до денес. Потоа на тезата загризаа сите учесници во преговорите сосе тазе претседателот. Како прво, се поставува прашањето како 15 години никој не ја отвори оваа теза или дилема. Зошто сега се внесуваат вакви нови опасни елементи во преговорите, каде беа досега? Значи или ги имало, и тоа од самиот почеток, а не се кажувале, или некој сега ги извлекува по 15 години и со кое право? Познавањето на нашиот политички менталитет ми кажува дека оваа „мудрост“ е сега измислена како отстапница од загризувањето на жешкиот костен со името. Многу погрешно, неуко и кукавички. Второ, самата теза е апатриотска, целосно против националните интереси бидејќи никој не не' влече за јазик ако преговорите се за разликите околу името ние „ничим изазваним“, на масата за пазарење да ги внесуваме идентитетот и јазикот.

Трето, тезата е тотално нелогична, да не кажам ступидна, бидејќи идентитетот и јазикот се категории за кои не може да се преговара поради нивната природа. Идентитетот, за кој епистемолошки е многу тешко да се најде дефиниција, во секој случај изразува одредена социјална различност, особеност, припадност кон група во временска и просторна смисла. Нека каже некој од нашите политички шампиони како да преговараме за македонските народни песни, носии, адети, како да преговараме за „Галичката свадба“, за Камениот мост, за кирилицата, за гемиџиите, за Делчев, за АСНОМ,за Прличев, за Мартиноски?! А за јазикот, да преговараме дали постои, како таков?! Или дали македонскиот јазик така се вика?! А бидејќи јас, а и сите ние во државата имаме еден идентитет да потпишеме договор, спогодба за да имаме друг. Заклучокот за оваа голема манипулација е дека наместо да го плашат народот со вештерки, треба храбро да му кажат дека нема никаква опасност за идентитетот. Освен ако тие сами немаат проблем со нивниот идентитет.

Теза 3. Референдум - да или не?

Во последниот период за ова прашање повеќе се дискутира отколку за самите преговори. Што е, исто така, како и претходните тези нелогично и суштинско мешање на приоритетите. Со сите што разговарам мојата реакција е - дај боже да стигнеме до референдум. Тоа, пред се', ќе значи дека конечно имаме конкретен предлог договорен од двете страни. Што е голем напредок, бидејќи 15 години преговараме и нема никакво предлог решение за спорот. Втор чекор е референдумот, кој е сериозно прашање, но и демократско право. И кој најверојатно би се случил како инсистирање на владејачката партија. Главниот приоритет тогаш ќе биде тој да биде успешен бидејќи неговиот неуспех е премногу ризичен за Македонија од повеќе страни.

А тоа да се случи треба владејачката партија да застане одговорно и цврсто во негова поддршка. Таа е единствената која преговара и договара и таа мора да застане зад тоа што го договорила. Балансот на правото и одговорноста е светото правило на демократијата. Затоа и мојата сугестија до меѓународните претставници со кои сум разговарал била да не ја притискаат Владата за ова прашање бидејќи уфрлувањето на уште една во веќе големите дилеми внесува дополнителна тензија и нервоза кај нив. Притисокот да се откажат од нешто за што дале збор во јавноста може да не' чини многу повеќе. Затоа најдобро е да го искористат влијанието рационално концентрирајќи се на прифаќање на предлог-решението и позитивниот исход од референдумот.

Доколку и оваа рунда преговори не успее се наметнува и друго прашање, се' со цел за веќе изморената од ова прашање светска и домашна јавност да се затвори овој спор. Меѓу другото еден од потезите на новата американска администрација би бил и замена на медијаторот, кој чесно и посветено го истера мандатот со поставување булдожер-медијатор по примерот на Холбрук, кој, се сеќаваме, на мускули ја договори Привремената спогодба.

Македонија има јасна перспектива во европското семејство на демократии. Членството, кое значи рамноправност со сите внатре, има огромни предности во несопирливата промоцијата на идентитетот на секоја нација како дел од големото семејство. Затоа, што побрзото влегување во зоната на слободата и демократијата не само што нема никакви опасности туку ќе значи историска и цивилизациска потврда на нацијата во сите нејзини елементи. Да ја искористиме шансата. Или ќе ја споделиме судбината со нашиот сосед, секој со својата улога во автентичната античка трагедија.
 

Профили

webmail