Колумна во ДНЕВНИК од 09.05.2009 година.
Лазар Еленовски претседател на Социјалдемократска Унија.
Еден од базичните демократски принципи е дека современите држави се секуларни. Не случајно. Во денешните демократски општества религиските заедници и самата религија немаат директно мешање со државата и нејзините институции, туку својата општествена функција ја вршат за граѓаните што приватно и интимно ја изразуваат и сакаат да ја негуваат сопствената вероисповед
Има ли крај македонската транзиција? Или мора со секоја власт да се повторува и обновува во нови форми. Тоа беше и ќе биде главната битка за Македонија во периодот што следи. Досегашните битки Македонија ги изгуби бидејќи владејачките структури се претвораа во најголеми кочничари на развојот на демократијата, а со тоа и на општеството и државата. Примарно, бидејќи не ги разликуваа претходно посочените термини. А секако, и бидејќи имаа други интереси.Демократијата, како цивилизациски систем на вредности претпоставува дека по добиената поддршка од народот, значи по демократски пат, власта треба на истиот начин да продолжи да ја гради демократијата, нејзините вредности и процедури. Не спротивното, бидејќи тогаш станува збор за злоупотреба, манипулација.
Тоа треба и мора да го прави дури и тогаш кога одредени настани или процеси не се совпаѓаат со нејзината политичка позиција или остварување политичка корист. Посебно такви ситуации се битни за да се демонстрира политичка доблест, морал и да се подигнат стандардите на политичката култура и на демократијата воопшто. Такво нешто досега во Македонија се нема случено, а токму таква извонредна прилика имаше и актуелната власт која пред само месец дена извојува голема победа. Шансата ја пропушти и наместо тоа Македонија гледа едно дежави транзициско клише, една нова транзициска епизода, со иста содржина само со нов наслов - веронаука.Еден од базичните демократски принципи е дека современите држави се секуларни, што значи дека религијата е одвоена од државата. Не случајно. Од познати историски причини, кои нема да бидат предмет на текстот освен ако во иднина не треба и тоа да се објасни, во денешните демократски општества религиските заедници и самата религија немаат директно мешање со државата и нејзините институции, туку својата општествена функција ја вршат за граѓаните што приватно и интимно ја изразуваат и сакаат да ја негуваат сопствената вероисповед.
Се сеќавам, процесот за воведување на веронауката во образовниот процес на државата започна есента 2006 кога во тогаш младата влада иницијативата беше покрената од владејачката партија. Освен мојата лична (а не партиска) остра и донекаде наивна реакција, само уште Глигор Ташковиќ од целиот владин кабинет беше со ставот дека секуларниот принцип не треба да се загрози. Никој друг од владините партнери не реагираше и одлуката беше донесена со големо мнозинство. Потоа низ различни фази процесот беше реализиран. Нарушениот секуларен уставен принцип со воведување на веронауката во основното образование најде свој плоден терен на македонската државна и општествена почва.Се' до денешни дни, односно до одлуката на Уставниот суд за нејзино укинување.
Со што и започна полошиот дел од приказната. Односно новата транзициска епизода каде во безброј пати веќе видениот шаблон драмата добива на интензитет во својата апсурдност, вулгарност и нетолеранција.Настаните се редеа брзо, транзициски. Најпрво иницијалната многу лоша првична реакција на владејачката партија со својата негаторска, груба дисквалификација на Уставниот суд како институција и на неговите членови. Таа реакција предизвика два ефекта, првиот дека власта од позиција на сила грубо прекршува уште еден исклучително битен демократски принцип на поделба на власта на извршна, законодавна и судска и вториот, домино ефектот од таа првична реакција по која власта изрежира и охрабри дузина институции, организации и здруженија да се нафрлат на Уставниот суд поради одлуката.
За краток временски период власта преку своите коалициони партии, невладини организации, студентски организации и најразлични здруженија истури цел арсенал врз Уставниот суд чија одлука би требало да биде конечна. Видовме нејасни и непримерни обвиненија на нејзините политички сателити, примитивни неуки образложенија и напади на нејзините средношколски и студентски организации кои достигнаа ниво на протести, апсурдни соопштенија на такси и други здруженија итн.И секако острата и неодмерена реакција на верските заедници, пред се на најголемите МПЦ и ИВЗ, кои во целиот период на оваа владејачка гарнитура ги уживаат сите погодности и благодети. Незаслужено, без очекуваниот од нив придонес кон општеството, со бројни скандали и конфликти. Границите на апсурдот за една демократска држава не знаеме до каде ќе стигнат но моментално се до тн нивно размислување за покренување на иницијатива за менување на Уставот во тој дел. Исусе и Маријо! Ова секако не е 21, а богами ни 20 век. Некој можеби ќе се посомнева во тоа дека власта директно ги режираше и индиректно ги охрабруваше сите овие протести и форми на незадоволство од одлуката?
Два доказа ќе понудам, прво станува збор за класичен транзициски настан и за ништо повеќе, а феноменологијата на македонската транзиција е декодирана по безбројните повторувања и веќе знаеме многу добро како функционира и второ, со личниот пример и искуство каде што како раководител на политички подмладок во 90-тите за дневнополитичките цели на партијата ги правевме сличните работи. Кога денес помислувам на тоа најжалното не е дека тогаш во првите години на младата демократија тоа сме го правеле, туку дека денес во Македонија тоа се' уште се случува уште во полоша форма бидејќи едноставно повторувањето на историјата се сведува на фарса.Значи, по повеќе од една деценија ништо не се сменило. Тоа е поразот на Македонија. По последното затишје на оваа тема Македонија го очекува одговорот на власта дали искрено ќе ја прифати одлуката или ќе бидеме сведоци на продолжение на епизодата.


