Home Прес Центар Колумни Еден за сите - сите за никаде!

Еден за сите - сите за никаде!

Колумна во ДНЕВНИК од 25.04.2009 година

ПОСТИЗБОРНИ СПОРЕДБИ

Нашиот нов претседател е крајно неопитен во политиката. Дали по примерот на Трајковски, од неприфатен и отфрлен (дури и од партијата што го кандидира), ќе се воздигне во фален и почитуван? Дали ќе го избере патот на Трајковски или докрај ќе се држи за „скутината“ на Груевски?

Со „фотофинишот“ во натпреварот за изборниот цензус, Република Македонија го избра својот четврти претседател. Многумина, сега ќе спорат за „легалитетот и легитимитетот“, меѓутоа, како и во спорот кога, на пример, трчате на 100 метри, победник е оној што, дури, макар и за делови од секундата, пристигнал прв. Тоа останува, се' друго постепено ќе избледне под забот на времето.

Одлуките на народот, се како и одлуките на судовите: се прифаќаат и не се коментираат. Народот, секогаш е во право. Нели?Меѓутоа, во секое време, и по секој повод, има простор и потреба да ги коментираме состојбите. „Македонските состојби“, што би рекол, мене драгиот, Јордан Плевнеш, соселанецот на Петрета М. Андреевски, кој во една пригода ми објаснуваше зошто токму тоа презиме.

Не знам зошто, но ова што сега „ни се случи“ со претседателот, во многу нешта, ми личи или барем ми ги враќа спомените на времето кога го избиравме покојниот Борис Трајковски. Единствената разлика е што тогаш македонските Албанци, ги полнеа, сега ги „празнеа“ гласачките кутии. Во почетокот, не го прифаќавме Трајковски, за што и самиот ни даваше поводи, за потоа да го славиме. Се сеќавам на еден негов предизборен митинг во Охрид. Се одржуваше на тогашниот Полигон за мали спортови (сега трампан за долговите на градот кон „Гранит“!?), кога добродушниот, невнимателен и очигледно политички неопитен Трајковски, нам на охриѓани, ни кажа дека од нашиот град „ќе направи некропола“! Сега е неважно дали мислел на акропола (акропол), но ние новинарите го „зедовме на душа“, со тоа што „лапсусот лингва“ од Охрид, го обнародивме во целата јавност. Арно ама Трајковски, веќе наредната вечер, „ни ја олесни душата“ од Штип. „Од Македонија ќе направам некропола“ - кажа Трајковски.

Се разбира, многу е неблагодарно денес да се чепка по спомените на трагично загинатиот претседател, но барем јас, лично, на достоен начин му се оддолжив, за се што подоцна направи за Македонија. А направи, навистина многу.Нејсе, поентата ми е во нешто друго. Веста за трагичната погибија на Борис Трајковски, како член на официјалната македонска владина делегација, ја дознав во претседателската палата во Даблин, каде што тогашниот премиер Бранко Црвенкоски, требаше да ја предаде нашата апликација за прием во ЕУ. Ние, со новинарската експедиција, веќе бевме таму и го чекавме Црвенковски. Случајот сакаше, лошата вест, прв да ја дознае официјалниот фоторепортер (преку неговиот колега од Словенија), така што ја пренесовме до премиерот, кој воопшто не дојде во ирското претседателство, туку се упати на даблинскиот аеродром, од каде сите се вративме назад во земјата и од скопскиот аеродром, директно на вонредна седница на Владата. Уште во авионот, атмосферата беше дополнително траурна, бидејќи со нас беше и колегата - снимател од МТВ - Димац, чиј брат пилотира со авионот на Трајковски.

Тоа на што во тие моменти најмногу размислував, беа зборовите на Трајковски од Охрид. Што ќе биде со Македонија? Акропол или „некропола“, како што, не сакајќи и наивно ја нарече Трајковски. И зошто на мојата земја и се случуваат такви работи, во историски пресудни моменти ? И денеска, кога, ситуацијата во постизборна Македонија, ја споредувам со онаа од 1999 година, повторно ми се наметнува прашањето: што ќе биде со Република Македонија? Повторно имаме човек за претседател добродушен, успешен како педагог и научник, несомнено сакан од своите студенти и своите „поддржувачи“, од колегите - професори, до ректорите и академиците и сите други што чекаат да бидат „ помазани“ со милост (и пари) од Св. Никола.

Меѓутоа, нашиот нов претседател е крајно неопитен во политиката. Не само јас, туку и многумина други, си го поставуваат прашањето: Дали по примерот на Трајковски, од неприфатен и отфрлен (дури и од партијата што го кандидираше), ќе се воздигне во фален и почитуван? Дали ќе го избере патот на Трајковски, или докрај ќе се држи за „скутината“ на Груевски? Тоа не е небитно прашање за Македонија. Никој не им го спори правото на граѓаните да изберат, но, во секое време ќе биде легитимно и прашањето: Дали избраа за доброто на Македонија, или пак, „во корист на сопствената штета“? Граѓаните застанаа, всушност, зад изборот на Груевски, човекот во чии раце ја ставија судбината на земјата, човекот со најголема популарност во Македонија, но, истовремено, и човекот кој минатата година беше во посета само на Косово и Црна Гора?! Ајде, да не бидеме малициозни - уште и Полска, колку да не биде само Западен Балкан.

Избирајќи го изборот на Груевски, граѓаните се определија и за тоа, да и упатат е силна „контра“ на меѓународната заедница, кај која Груевски и не е некој миленик. Јас лично, му оддавам признание што избра човек, на кого му поверува дека е натпартиски, дека нема ништо со СДСМ. Дури и мене ме разубеди, дека со нашиот нов претседател, не сме биле делегати на последниот Конгрес на СКЈ - СКМ и дека никогаш не сме спореле, кој оставил поголем печат на Конгресот: јас, тој, или пак, можеби, Оливера Трајковска!?

Навистина, граѓаните си избираат власт каква и што си заслужуваат, но за секогаш ќе остане прашањето: како е можно да се отфрли, или низ ситни партиски игри, да се избламира и „по вода да се пушти“ човек од самиот врв на светската политика, веќе седнат на дипломатскиот Олимп (или, што би рекол Милошоски, „ги достигнал височините на Хималаите“ ), а да се избере човек кој допрва треба да ја учи самата „абецеда“ на дипломатијата? Не верувам во „национални проклетства“ и не сум приврзаник на силни зборови, од типот „национално харикири“, но, сепак, мора да е тоа, некој вид садомазохизам на една нација.

„Господ нека и е на помош на Македонија“, порача Љубомир Фрчкоски, честитајќи му ја победата на Ѓорге Иванов. Веќе наредниот ден, Иванов, се помоли за себе и, како што ни кажаа, за сите Македонци (за Република Македонија ), во Соборниот храм.

За тоа време,“СДСМ оди понатаму“ (во својата провалија), порача в.д.лидерот Заев, човекот што се дрзна да се поигрува со еден Срѓан Керим. „Победникот“ кој имаше 37 градоначалници, сега има, дури седум, и тој самиот меѓу нив. „Вршителот“, кој победи, „и во три села више“, бидејќи во градовите: Охрид, Струмица и Куманово, не победи СДСМ, туку кандидатите (тука секоја чест за ВД-то). Како што во Ресен, на пример, изгуби СДСМ, а не Бузлески. Колку за илустрација на состојбите на духот. „Достоинството на СДСМ“ - кандидатот за градоначалник во Охрид, освои за 10 илјади гласа, повеќе од советничката листа (или за 3 илјади повеќе од Фрчкоски) Сега, всушност, листата кај „победниците“ во Охрид, е покуса за два мандата од таа на „поразените.“

Но, и тоа е Македонија.

Еден за сите - сите за никаде!

Веле Митаноски
 

Профили

webmail