Колумна во ДНЕВНИК од 14.04.2009 година
Широко зафаќање на власта како денешното искусивме во почетокот и средината на 90-тите.Петнаесетгодишната транзиција случајно или не, но се поистоветува со ФИРОМ. Затоа одговорноста на власта по извојуваната голема победа е уште поголема. Таа е исправена пред дилема по кој пат да тргне. Дали по тој по кој дува ветерот и стихијата на транзицијата или ќе го сврти кормилото кон патот на демократијата и прогресот
Изборите завршија. Владејачката партија освои се' што можеше да се освои. Во демократијата тоа значи дека колку е поголема победата, толку е поголема одговорноста бидејќи поддршката од народот ќе ве ослободи од политичките компромиси и калкулации кои се својствени за нормалното функционирање на парламентарната демократија.Во краткото демократско минато на нашата млада држава искуството покажува дека апсолутната власт на некоја владејачка структура не довела до одговорност и повисока демократска култура, а со тоа до забрзан развој на државата, туку напротив до ароганција, апсолутизам и кочење на демократските и развојни процеси на државата.
Тоа во различни форми го видовме низ целата наша независност и резултатот денес е јасен - Македонија се' уште е заглавена во најшироко кажано транзицијата: не профункционира правната држава; Македонија не ра зви способности за демократско општество кое ќе биде децентрализирано и мултиетничко; пребавен економски развој и големи дубиози во економскиот систем; евроатлантската интеграција по неколку години напредок застана пред вратата.Работата на политиката е таа, да ги менаџира и развива политичките процеси и да ги негува и продлабочува цивилизациските придобивки и нејзините вредности. Пред се' демократијата, слободата и човековите права.
Нашите транзициски „шампиони“ напротив, наместо да се зафатат со градењето на државата со сите нејзини елементи ни подарија сите овие години еден специфичен транзициски производ изграден по нивниот карактерен терк каде што доминираат: недостиг од визија и од национално чувство (читај патриотизам), партизација и централизација, голема волја за апсолутизам (поради недостиг од другата демократската), тоа што може да се има, да се присвои, а другото да се контролира, најшироко користејќи ги инструментите на државата. На тој начин управувајќи со државата урнаа многу процеси за развој на државата, а на граѓаните им го одземаа основното достоинство деградирајќи го систематски нивниот граѓански статус во општеството.Нашите „шампиони“ од црно-белиот свет во изминатите години од нашата независност останаа доследни само на една работа - а тоа е да ја играат оваа транзициска улога. Ја играа, бидејќи веруваа во неа. Веруваа во неа, затоа што во друго и не веруваат.
Да се вратиме. Вакво широко зафаќање на власта како денешното го искусивме само во почетокот и средината на 90-тите. Тогаш се постави системот со сите негови феномени кој до денес го живееме. Петнаесетгодишната транзиција случајно или не, но се поистоветува со ФИРОМ. Затоа одговорноста на власта по извојуваната голема победа е уште поголема. Не знам колку е свесна, но таа е пред крстопат и исправена е пред Хамлетовата дилема по кој пат да тргне. Дали по тој по кој дува ветерот и стихијата по патот на транзицијата или конечно ќе го сврти кормилото и ќе заплови кон патот на демократијата и прогресот. Некој можеби ќе рече дека и транзицијата е дел од демократијата. Да, ама во 1995-96, не во 2009 година. Денес таа е рак-рана на општеството. Искушението е големо, но барем дилемата е јасна. И за власта, но многу повеќе за Македонија. За власта, сите досегашни големи (апсолутни) победи по изневерените очекувања на граѓаните завршуваа со пораз и промена на власта.
За Македонија дилемата е историска. Македонија премногу изгуби сите овие години со неодговорните и недемократски политички елити што ја водеа. Споредбите не треба да се прават со далечните Европа и Америка, туку наједноставно со нашето соседство. Каде бевме, каде беа, каде сме сега и ние и тие. Затоа не ни треба повеќе магијата на транзицијата да не' опива со многубројните шпански сапунски епизоди, туку вистинските вредности на демократијата по која убеден сум ќе дојдат резултатите, развојот и европскиот стандард.ФИРОМ-транзицијата конечно треба да и' го отстапи местото на македонската демократија. Тоа секако, во моментот, најмногу зависи од власта.


