Home Прес Центар Основни препораки за заштита од пандемскиот грип А

Основни препораки за заштита од пандемскиот грип А (H1N1)

Здравствениот систем на Република Македонија е целосно подготвен за брзо откривање на новиот грип од типот А (H1N1), лекарски третман на заразените лица и преземање ефикасни мерки за спречување на нејзиното ширење.

Превенција и заштита од новиот грип тип А (H1N1), како да се заштитите од новиот грип ?

  • Често и темелно миење на рацете со вода и сапун;
  • Покривајте го носот и устата при кивање и кашлање со хартиено шамиче кое потоа треба да го фрлите во канта за отпадоци;
  • Избегнувајте да ги допирате очите, носот и устата по допирање на предмети кои би можеле да се загадени;
  • Често проветрувајте ги просториите во кои престојувате;
  • Внесувајте повеќе течности и витаминска храна, бидете физички активни и најдете време за одмор и добар сон;
  • Избегнувајте близок контакт со лица кои покажуваат симптоми на грип.

Како се пренесува вирусот на грип А (H1N1)?

Вирусот може да се пренесе од човек на човек на ист начин, како и обичниот (сезонски) грип – преку кашлање, кивање или со допирање предмети заразени со вирусот на грип.

Кои се симптомите на грипот А (H1N1) кај луѓето?

Симптомите се слични како и кај обичниот (сезонски) грип, како што се: покачена телесна температура (> 37,8°C), треска, болка во грлото, кашлање, течење на носот, главоболка, болки во мускулите, општа слабост, намален апетит, а може и гадење и повраќање.

Препораки:

  • Доколку почувствувате симптоми на грип кои брзо се влошуваат, веднаш јавете се по телефон кај вашиот матичен лекар или во Заводот за здравствена заштита или во службата на итна медицинска помош. Лекарите ќе одлучат за вашето понатамошно лекување.
  • Доколку симптомите се појават додека престојувате надвор од Република Македонија, веднаш побарајте медицинска помош во најблиската лекарска ординација. Медицинските лица од земјата во која престојувате се должни да ви укажат медицинска нега и лекување од новиот грип.
  • Ако се враќате од земја каде е регистриран новиот тип на грип, следете ја вашата здравствена состојба во следните 7 дена.

Основни мерки за заштита од пренесување на инфекцијата:

- Заболеното лице (или лицето со симптоми на новиот тип на грип  А (Х1Н1) да се изолира во домашни услови во посебна просторија се додека симптомите на болеста не исчезнат или додека се добие негативен резултат од лабораториското тестирање на земениот материјал. Вратата на просторијата треба да биде постојано затворена.

- Да се ограничи пристапот во просторијата каде што е сместено болното лице (или лицето со симптоми на овој грип).

- Забранети се посети на болни или лица со симптоми на новиот грип.

- Да се избегнува бремена жена да се грижи за заболено/сомнително болно лице.

- Заболеното лице или лицето со симптоми да носи заштитна маска додека во собата престојува друго лице. Доколку не се располага со заштитна маска, да се покрива устата и носот со рака или со марамче за еднократна употреба, посебно при кашлање и при кивање.

- Постојано да се одржува хигиена на рацете. Рацете да се мијат со сапун и со топла вода или да се користат влажни марамчиња на база на алкохол (посебно после кашлање и по кивање).

- Треба да се оджува хигиена во просторијата каде што престојува лицето или во заедничката просторија. Пожелно е да се дезинфицира просторијата (посебно бањата).

- Редовно да се мијат со топла вода и со детергент приборот за јадење, нечистите алишта, крпи, постелнина и други предмети (детски играчки), кои биле користени. Овие предмети не мора да се чистат одделно.

- Често проветрување на просторијата во која престојува болниот или лицето со симптоми на новиот грип.

- Заболеното лице (или лицето со симптоми на новиот грип) не треба да се вози во средствата за јавен транспорт. Доколку лицето мора да користи јавен превоз, задолжително треба да носи заштитна маска, или да ја покрива устата и носот со рака или со марамче за еднократна употреба при кашлање и при кивање

- Заболеното лице (или лицето со симптоми  на новиот вирус), може да се врати на работа или во училиште кога симптомите на заболување ќе исчезнат.

Мерки за заштита кои се однесуваат на блиските контакти!*

- Задолжително е миење на рацете со сапун и со вода пред и по излегување од собата на пациентот, како и по секој контакт со заболеното лице (доколку имате користете и средства за дезинфекција).

- Задолжително користете заштитна маска за време на престојот во собата на заболеното лице (или на лицето со симптоми на новиот грип).

- Избегнувајте директен контакт „лице во лице“ со заболениот или со лицата со симптоми на новиот грип

- Користете ракавици за еднократна употреба при директен контакт со болниот или со предмети од неговата блиска околина

- Најблиските членови на семејството на заболеното лице или лицето со симптоми на свински грип, треба да ја следат својата здравствена состојба и здравствената состојба на децата во семејството и веднаш да побараат лекарска помош, доколку се појават симптоми слични на грип (висока температура, кашлање, грлоболка, тешкотии при дишење, општа изнемоштеност)

- Членовите на најблиската фамилија на заболениот често да ги мијат  рацете со сапун и со вода (или да ги бришат рацете со влажни марамчиња на база на алкохол).

Основни препораки на Комисијата за пандемски грип

Се препорачува сите заболени лица кај кои е потврден новиот тип на вирус и кои по претходен преглед и препорака од лекар се лекуваат во домашни услови да останат во домашна изолација најмалку седум дена.

1. Комисијата препорачува да се избегнува учество на масовни собири, како една од можностите за ширење на инфекцијата од грип.

2. Комисијата препорачува во здравствените установи да се ограничат посетите на болни лица, со почитување на мерките за заштита од интрахоспитални инфекции.

3. Се советува на сите граѓани, кои се со симптоми на грип веднаш телефонски да исконтактираат со својот матичен лекар, а при посета кај лекар да стават заштитна маска или марамче за да спречат ширење на инфекција кај други лица.

4. Се потсетуваат здравствените работници, а посебно матичните лекари, при преглед на пациенти (со симптоми сомнителни на грип) да носат заштитна маска (и на пациентот да му обезбедат маска, доколку тој е пристигнат без заштитна маска).

 

Профили

webmail