Печати

Статут

Согласно став 1 од член 14 и став 1 од член 16 од Закон за политичките партии („Службен весник на Република Македонија“ бр. 76/2004; 5/2007; 8/2007; 5/2008 и 23/2013) Социјалдемократската Унија на Третиот  Конгрес одржан на 03.07.2016 година во Скопје, го усвои следниов

 

С Т А Т У Т
на Социјалдемократска Унија

 

I. ОПШТИ ОДРЕДБИ

Член 1

Со овој Статут се уредува начинот на дејствување на СОЦИЈАЛДЕМОКРАТСКАТА УНИЈА како политичка партија, а особено:
-    името и скратеното име на партијата;
-    седиштето на партијата;
-    ознаките на партијата (знаме, симбол, химна и друго);
-    политичките цели на дејствување, остварување на јавност во работата и начинот на дејствување;
-    условите и начинот на зачленување и престанување на членството, правото и обврските и одговорностите на членовите;
-    застапување и претставување на партијата;
-    органите на партијата, начинот на избор и отповикување, траење на мандатот и начинот на одлучувањето;
-    престанок на партијата и постапување со имотот во случај на престанок на партијата.

Име, скратено име, седиште и ознаки

Член 2

Името на партијата е СОЦИЈАЛДЕМОКРАТСКА УНИЈА (во натамошниот текст: партијата).
Скратеното име на партијата е СДУ.
Симболот на партијата е квадрат со заокружени агли во сина боја со стилизирани ѕвезди во црвена и бела боја.
Знамето на партијата е во сина боја со стилизирани ѕвезди во црвена и бела боја.
Химната ја утврдува Централниот одбор на партија

Член 3

Партијата има својство на правно лице.
Седиштето на партијата е во Скопје на ул.30 бр.45 Радишани- Бутел.
Партијата има тркалезен печат, со пречник од 3 сантиметри. Во внатрешниот круг е испишано полното име на партијата и нејзиното седиште. Во средината на внатрешниот 
круг се две стилизирани ѕвезди, симбол на партијата.
Текстот на печатот е испишан на македонски јазик со кирилско писмо.

Идејни основи и цели 

Член 4
СДУ е граѓанска партија ќе ги следи и применува модерните текови на социјалдемократијата и на севкупниот општествен развој.

Член 5
СДУ ги има следниве цели:
-    развој и просперитет на независна и суверена Република Македонија;
-    членство во ЕУ и НАТО и други стратешки цели за Република Македонија;
-    градење на граѓанско, демократско, плуралистичко општество, во кое ќе се почитуваат човековите права и ќе владее правото;
-    почитување на културата и специфичностите на граѓаните, нивните еднакви права и одговорности;
-    почитување на верските слободи и правото на слободен избор на вероисповест;
-    рамноправност меѓу половите;
-    решавање на егзистенционалните потреби на граѓаните: вработување, здравствена заштита, образование, социјална заштита и слично;
-    вградување на светските стандарди за лица со посебни потреби;
-    еднаквост и правилен социјален поредок во сите општествени сфери;
-    создавање општество на благосостојба како долгорочна цел;
-    заштита на животната средина во согласност со меѓународните документи;
-    градење на општество на слободни луѓе, пазарна економија и демократски институции без корупција;
-    градење на пријателство и добрососедски односи со сите соседни држави;
-    слобода на говорот и печатот.


II. ПОСЕБНИ ОДРЕДБИ

Облици на дејствување

Член 6
(1)    СДУ делува преку соодветни облици на организирано делување, органи и работ¬ни тела на партијата, преку соработка со други политички партии, неполитички здру¬женија, синдикални организации, преку разни видови на влијание врз јавното мислење и низ други форми и начини на демократско дејствување во општеството.
(2)    Во остварување на своите цели СДУ користи демократски парламентарни и вонпарламентарни средства и е против недемократски или други видови насилни методи.
(3)    СДУ ќе членува во меѓународни асоцијации на политички партии со блиски програмски и политички определби и цели.

Јавност во работењето на СДУ

Член 7
(1)    Работењето на СДУ е транспарентно. Информирањето на јавноста за оствару¬вање на програмските цели, СДУ ги користи електронските и пишаните медиуми.


Зачленување и престанување на членството,
право и обврски на членовите и членарина

Член 8
(1)    Членувањето во СДУ е доброволно.
(2)    Член на СДУ може да биде секој полнолетен граѓанин, односно државјанин на Република Македонија, кој живее или работи во или надвор од Република Македонија, кој не е член на друга политичка партија, а кој ќе потпише пристапница за членство во партијата и ги прифати програмските определби, целите и задачите содржани во овој Статут.

Член 9
(1)    Правата и обврските на членовите на СДУ се:
-    да учествува и да биде информиран за работата на партијата;
-    да избира и да биде избран во органите на партијата;
-    да дава предлози за успешна работа на партијата;
-    да ги почитува програмските документи, овој Статут и другите акти на партијата;
-    редовно да плаќа членарина
- членот носител на партиска функција, долЖен е редовно да присуствува на седниците на органот каде што е избран. Правата и обврските на членот се регулираат со деловникот за работа на соодветниот орган.

Член 10
(1)    Член на СДУ има право да го издвои своето мислење по определено прашање и врз основа на изнесени аргументи да инсистира другите да го прифатат неговото мислење. Ако не успее да се избори за прифаќање на неговото мислење, односно став, членот на партијата има право да придобива истомисленици во партијата за поддршка за определеното прашање.
(2)    Ако членот собере поголем број на истомисленици кои ќе претставуваат повеќе од 30% од вкупното членство на партијата, има право на прогласување фракција. По прогласувањето, фракцијата има обврска да поднесе Програма за сопстве¬ното делување, согласно Статутот и другите акти на партијата. Фракцијата работи исклучиво во рамките на партијата и има свој легитимен претставник.

Член 11
(1)    Членството во СДУ може да се замрзне за период од 1 (една) година:
-    ако пратеник во Собранието на Република Македонија, градоначалник, советник во општината или избран функционер во извршната власт не дејствува во согласност со овој Статут, Програмата и другите акти на партијата;
-    ако членот со своето политичко дејствување или работењето го урива угледот на партијата.
(2)    Одлука за замрзнување на членството ја донесува Претседателството на Централниот одбор на партијата.

Член 12
(1)    Членувањето во СДУ престанува со:
-    изјава за доброволно истапување од членството;
-    трајно губење на деловна способност;
-    настапување на смрт;
-    членство во друга партија.

Член 13
(1)    Членовите се должни редовно да плаќаат членарина.
Членарина се уплаќа на сметка на СДУ или во општинската организација каде што      членот припага.Задолжен за собирање на членарината е секретарт на општинската организација.
Висината на чланарината зависи од видот на примања и социјалната состојба на секој член:
1.    за вработени
2.    за невработени, ученици, студенти, пензионери,
3.    за членови кои остваруваат надокнади кои произлегуваат од мандатите на СДУ
4.    за членови кои примаат редовна плата од мандатите на СДУ
5.    според партиската функција
Обврските и правата од претходните точки на овој член ќе се утврдат со посебна одлука на Централниот одбор.
Членовите можат да даваат материјална помош на СДУ во облик на донација и други облици на помош.

Член 14
(1)    Членот кој нема платено чланарина за  минимум шест  месеци не може да биде кандидат за партиска функција нити кандидат на СДУ на јавна функција.    


Органи на партијата

Член 15
(1)    Органи на СДУ се:
-    Конгрес;
-    Претседател;
-    Потпретседатели;
-    Генерален секретар;
-    Централен одбор;
-    Претседателство;
-    Надзорен одбор.
(2)    Организирањето на партијата е врз територијална основа.
(3)    Со одлука на надлежен орган може да се организираат други облици на органи¬зирање: форуми, комисии,работни групи,совети, клубови, секции и друго.

Член 16
(1) Конгресот на СДУ го сочинуваат:
-    Претседателот на партијата;
-    Потпретседатели;
-    Генерален секретар;
-    членовите на Централниот одбор и на Надзорниот одбор на партијата;
-    Претседателите на општинските организации, Претседателот на Форумот на млади и Претседателот на Форумот на жени, односно вршителите на овие функции во моментот на одржувањето на Конгресот;
-    по 1 делегат на определен број членови од општинските организации на партијата, утврден со одлуката за свикување на Конгресот;
-    членовите на Пратеничката група на партијата, министрите и замениците министри, градоначалници и други избрани функционери.

Член 17
(1)   Конгресот на СДУ е највисок орган на партијата.
(2)   Конгресот се состанува на изборна седница секоја четврта година.
(3)   Одлука за свикување на Конгресот донесува Централниот одбор.
(4)   Конгресот може да биде свикан како вонреден и пред рокот од четири години.
(5)  Конгресот, пред рокот утврден со овој Статут, се свикува на барање на Претседателот, на најмалку 1/3 од членовите на Централниот одбор или на барање на најмалку 1/3 од општинските организации на партијата.
(6)  Конгресот на партијата може да го свика и Надзорниот одбор доколку Централниот  одбор во рок од 2 месеци не постапи во согласност со став 3 и 4 на овој член.
(7)  Конгресот во својство на Конвенција се свикува задолжително пред парламентарните и пред претседателските избори заради утврдување кандидати за изборите и по парламентарните, претседателските и локалните избори најдоцна во рок од 60 дена по изборите заради анализа на изборните резултати и изјаснување за довербата во органите на партијата, со оглед на изборните резултати.
(8)  Одлуката за свикување на Конгресот, односно Конгресот во својство на Конвенција се објавува најмалку 15 дена пред денот на одржувањето.
(9)  Кога Конгресот се свикува во смисла на став 5, 6 и 7 на овој член рокот за објавување може да биде и пократок.
(10) Мандатот на делегатите кои се избрани од општинските конференции за изборната седница на Конгресот трае 4 години.
(11) Мандатот на делегатите со кои се прават измени и дополнување во составот на Конгресот е во рамките на четиригодишниот мандат на целиот Конгрес.

Член 18
(1)    Конгресот на СДУ:
-    донесува деловник за својата работа;
-    донесува измени и дополнувања на Програмата и Статутот на партијата;
-    го одобрува извештајот за работата на органите меѓу 2 изборни седници - конгреси;
-    го утврдува бројот на членовите на органите и носителите на функции на партијата;
-    избира Претседател на партијата;

-    избира членови на Централниот одбор и на Надзорниот одбор;
-    ја утврдува одговорноста на носителите на функции што ги избира;
-    по потреба, разгледува и други прашања сврзани со работата на партијата.

Член 19
(1)    Конгресот - Конвенцијата на СДУ:
-    утврдува кандидати за учество на претседателските и парламентарните избори;
-    утврдува изборна Програма на партијата.

Член 20
(1)    Претседателот на СДУ:
-    ја претставува и застапува партијата;
-    раководи со партијата меѓу седниците на нејзините органи;
-    учествува во градењето на политиката на партијата;
-    ги свикува седниците на Централниот одбор и на Претседателството;
-    извршува и други работи што му се ставени во надлежност со општите акти и со посебните одлуки на органите на партијата.
(2)    Мандатот на Претседателот на партијата трае 4 години, со право на повторен избор.

Член 21
(1)    Централниот одбор на СДУ го сочинуваат:
-    Претседателот на партијата;

-    Потпретседатели на партијата;

-    Генерален Секретар;
-    75 члена на Централниот одбор што ги избира Конгресот.
(2)    Манадатот на членовите на Централниот одбор трае 4 години, со право на повторен избор.

Член 22
(1)    Централниот одбор на СДУ е највисок орган на партијата меѓу два конгреса којшто:
-    донесува деловник за својата работа;
-    раководи со партијата меѓу два конгреса и се грижи за извршување на неговите одлуки;
-    дава политички оценки и утврдува политички ставови на партијата;

-    избира Потпретседатели и Генерален Секретар; 
-    избира Претседателство до 15 членови; 
-    донесува одлуки за основање на интересовни облици на организирање и нивно членство на републичко ниво;
-    решава по жалби на одлуките на Претседателствата на општинските организации;
-    донесува одлука за распуштање на одделна општинска организација;
-    им предлага на Конгресот - Конвенцијата кандидати за избор на пратеници во Соб¬ранието на Република Македонија и за претседател на државата, градона¬чал¬ници и други функционери, исто како и кандидати за внатрешно-партиските избори;
-    се грижи за учество на парламентарните и претседателските избори имајќи ги предвид програмските определби за соодветно почитување на релевантните критериуми во процесот на кандидирање;
-    донесува одлуки за распишување на внатре-партиските избори и ги утврдува критериумите и постапката за избор на членовите и органите;
-    ја утврдува одговорноста на носителите на функции што ги избира;
-    ги разгледува и утврдува годишните финансиски планови и извештаите за деловната политика на партијата;
-    ја води финансиската политика на партијата и управува со нејзиниот имот;
-    основа постојани и повремени работни тела (одбори, комисии, проектни групи) чиј делокруг на работа се утврдува со одлуката за нивно основање;
-    донесува акт за висината и начинот на плаќањето на партиската чланарина;
-    донесува одлуки за коалицирање со други партии;
-    по потреба, решава и за други прашања сврзани со работата на партијата коишто со Статутот или со друг општ акт не се ставени во надлежност на друг орган на партијата.

Член 23
(1)    Седниците на Централниот одбор ги свикува и со нив претседава Претседателот на партијата.
(2)    Во случај на отсуство на Претседателот, седниците ги свикува и ги води еден од потпретседателите овластен од претседателот на партијата.
(3)    На седниците на Централниот одбор се покануваат Претседателот на Надзор¬ниот одбор, членовите на Пратеничката група, министрите, замениците-мини¬стри, Претседателите на Форумот на млади и Форумот на жени на партијата, без право на одлучување.

Член 24
(1)    Потпретседателите на СДУ:
-    ја претставуваат и застапуваат партијата;
-    учествуваат во градењето на политиката на партијата;
-    во отсуство на Претседателот ги свикуваат седниците на Централниот одбор и на Претседателството;
-    извршуваат и други работи што им се ставени во надлежност со општите акти и со посебните одлуки на органите на партијата.
(2)    Мандатот на Потпретседателите на партијата трае 4 години, со право на повторен избор.

Член 25
(1)    Генералниот секретар на СДУ:
-    го организира внатрепартискиот живот, се грижи за следењето и извршувањето на одлуките, ставовите и заклучоците на органите на партијата;
-    ги подготвува седниците на органите на партијата;
-    учествува во градењето на политиката на партијата;
-    се грижи за спроведување на кадровската политика;
-    се грижи за финансиското работење.
(2)    Мандатот на Генералниот секретар на Партијата трае 4 години, со право на повторен избор

Член 26
(1) Претседателството на Централниот одбор на СДУ го сочинуваат:
-    Претседателот на партијата;
-    Потпретседателите на партијата;
-    Генералниот секретар на партијата; и
-     до 15 члена избрани од централниот одбор
(2)    Мандатот на членовите на Претседателството трае 4 години, со право на повторен избор.

Член 27
(1)    Претседателството е политичко-извршен орган на Централниот одбор на СДУ, кое
-    донесува деловник за својата работа;
-    учествува во градењето и изразувањето на политичката волја на партијата;
-    ги реализира заклучоците и ставовите на Централниот одбор што се однесуваат на организираноста и внатрешниот живот на партијата;
-    ги обработува прашањата од внатрешен, организационен и кадровски карактер и е одговорен за ефикасното спроведување на професионалните работи за потребите на партијата;
-    го води тековното финансиско и материјално работење на партијата и донесува соодветни одлуки и други акти;
-    ги разгледува иницијативите, предлозите, мислењата и молбите што се упатени до него, односно што се однесуваат на организационите прашања на партијата;
-    по потреба, формира работни групи за изработка и извршување на задачите од неговата надлежност;
-    од својот состав задолжува членови за посебни области;
- Претседателството на СДУ има право и обврска во случај на непочитување и неспроведување на партиските ставови и одлуки донесени  од страна на ЦО, да побара поединечна или колективна оставка од членовите на Претседателсвото на Општинската организација на СДУ;
Претседателството на СДУ има право и обврска во случај на нарушување на угледот на партијата, непочитување и неспроведување на партиските ставови и одлуки донесени од страна на ЦО, да побара оставка од претседателот на Опшинската организација на СДУ;
Во ваков случај, во рок од 30 дена Општинската организација е задолжена да одржи изборна  конференција 
- назначува оперативен секретар задолжен за извршување на оперативните работи доверени од страна на претседателството
-    назначува  6 регионални кординатори;
-    и други работи согласно актите на партијата.
(2)    Со работата на Претседателството раководи Претседателот на партијата, односно еден од Потпретседателите, овласен од страна на  претседателот.
(3)    Во работата на Претседателството, по потреба, учествуваат: оперативниот секретар, Претседателот на Надзорниот одбор, Координаторот на Пратеничката група на партијата во Собранието на РМ и Претседателите на Форумот на млади и жени на партијата, без право на одлучување.

Член 28
(1)    Надзорниот одбор на партијата се состои од 9 членови.
(2)    Надзорниот одбор, од својот состав, избира претседател и негов заменик.
(3)    Мандатот на Претседателот и на членовите на Надзорниот одбор трае 4 години, со право на повторен избор.
(4)    Надзорниот одбор ја разгледува финансиската и деловната активност на партијата и на сите нејзини облици на организирање; ја оценува статутарноста на актите и одлуките; дава толкување на Статутот меѓу две седници на Конгресот; поднесува извештај за својата работа на Конгресот; и донесува Деловник за својата работа.
(5)    На Надзорниот одбор му се достапни сите релевантни податоци и документи, а за тоа е одговорен Претседателот на партијата.
(6)    Надзорниот одбор одлучува по жалби на одлуки од Централниот одбор.


Општински организации

Член 29
(1)    Општинска организација на СДУ е облик на поврзување и дејствување на месните организации, односно на членството од подрачјето на општините.
(2)    Одлука за основање и престанок на дејствување на општинска и градска организација на ниво на Скопје донесува Централниот одбор на партијата.
(3)    Централниот одбор може со своја одлука да основа регионални и други облици на поврзување и дејствување на општинските организации, а нивните надлежности се утврдуваат со одлуката за основање.

Член 30
(1)    Општинските организации имаат право на приходи врз основа на Правилник за материјално-финансиско работење што го донесува Централниот одбор на партијата.

Член 31
(1)    Органи на општинската организација на СДУ се: Конференција, Претседател, Претседателство и Надзорен одбор.

Член 32
(1)    Конференцијата е највисок орган на општинската организација и ја сочинуваат:
-    Претседателот на општинската организација;
-    членовите на Претседателството и на Надзорниот одбор на општинската организација;
-    по еден делегат на определен број членови од месните организации и од интересовните облици на организирање, утврден со одлуката за свикување на Конференцијата;
-    советниците на партијата во Советот на општината;
-    членовите на Централниот одбор на партијата, Надзорниот одбор на партијата, пратениците, министрите, замениците-министри од соодветната општинска организација на партијата, Претседателот на Форумот на млади и жени на партијата, градоначалникот и други избрани функционери.

Член 33
(1)    Конференцијата на општинската организација се свикува најмалку еднаш годишно, со       одлука на Претседателството на општинската организација, а секоја четврта година се состанува на изборна седница.
(2)    Конференцијата задолжително се свикува по локалните избори заради анализа на изборните резултати и изјаснување за довербата во избраните органи на градската организација.
(3)    Доколку на избраните органи на општинските организации на партијата не им се из¬гласа доверба, во рок од 30 дена, се закажува вонредна изборна конференција за избор на нови органи чиј мандат трае до крајот на мандатот на Конференцијата.
(4) Во случај кога претседателот на Општинската организација поднесува оставка на барање на претседателството на СДУ, конференција на ОО СДУ се свикува во рок од 30 дена
(5)    Претседателството ја свикува Конференцијата и по барање на Надзорниот одбор, Претседателот на партијата или најмалку 1/3 од месните организации.
(6)    Конференцијата на општинската организација може да ја свика и Надзорниот одбор на општинската организација или Претседателот на партијата доколку Претседателството во рок од 30 дена не постапи во согласност со став 2 ,3 и став 4 од овој член.
(7)    Одлуката за свикување на Конференцијата се објавува најмалку 15 дена пред денот на нејзиното одржување.
(8)    Кога Конференцијата се свикува согласно став 2, 3, 4 и 6 на овој член рокот за објавување може да биде и пократок.
(9)    Мандатот на делегатите избрани од месните организации за изборната седница на Конференцијата трае четири години.
(10)  Мандатот на делегатите со кои се прават замени, дополнување и проширување во составот на Конференцијата е во рамките на четиригодишниот мандат на Конференција.

Член 34
(1)   Конференцијата на општинската организација:
- донесува деловник за својата работа;
-    учествува во градењето и остварувањето на Програмата на партијата;
-    избира Претседател, членови на Претседателството и на Надзорниот одбор на општинската организација;
-    избира делегати за Конгресот - Конвенцијата на партијата, според одлуката за составот на Конгресот - Конвенцијата;
-    еднаш годишно расправа по извештајот на Претседателот и Претседателството на општинската организација на партијата;
-    предлага кандидати за органите на партијата;
-    утврдува кандидати за органите на локалната самоуправа и кандидати за пар¬ламентарните избори и за функционери во локалните и републичките органи;
-    еднаш годишно расправа по извештаите на општинската организација на партијата;
-    расправа за извештаите на органите на партијата;
-    по потреба, разгледува и други прашања сврзани со работата на партијата.

Член 35
(1)    Претседателот на општинската организација:
-    ја претставува и застапува општинската организација;
-    раководи со општинската организација меѓу седниците на Претседателството;
-    ги свикува и претседава со седниците на Претседателството на општинската организација;
-    еднаш годишно поднесува извештај до Конференцијата на општинската организација на партијата;
-    извршува и други работи што му се ставени во надлежност со деловникот за работа и со посебни одлуки и акти на Претседателството на општинската организација и на другите органи на партијата.
(2)    Мандатот на Претседателот трае четири години, со право на повторен избор.

Член 36
(1)    Претседателството на општинската организација на СДУ го сочинуваат:
- Претседателот на општинската организација;
- до 15 членови на Претседателството што ги избира Конференцијата.
(2)    Во работата на Претседателството на општинската организација на партијата, учествуваат: членот на Централниот одбор на партијата, Претседателот на Надзорниот одбор на општинската организација, Претседателите на Форумот на млади и жени на партијата, избрани и именувани функционери на предлот на партијата, без право на одлучување.
(3)    Мандатот на членовите на Претседателството на општинската организација и на Секретарот на Претседателството трае четири години, со право на повторен избор.
(4)    Од својот состав избира секретар на Претседателството на ОО СДУ.

Член 37
(1)    Седниците на Претседателството ги свикува и со нив претседава Претседателот на општинската организација, односно Секретарот или друг член на Претседа¬телството кога тоа е предвидено со Деловникот за работа.
(2)    Седница на Претседателството може да биде свикана и по барање на 1/3 од членовите на Претседателството.
(3)    Седници на Претседателството на општинската организација на партијата се свикуваат по потреба, но најмалку трипати месечно.
(4) Записниците од седниците на претседателство  се доставуваат до генералниот секретар во рок од 5 дена од одржување на седницата. 

Член 38
(1)    Правата и обврските на Претседателот и на секретарот на општинската организација и на членовите на Претседателството се уредуваат со општ акт во согласност со овој Статут.

Член 39
(1)    Претседателството на општинската организација е политичко-извршен орган кој:
- донесува Деловник за својата работа;
-    раководи со општинската организација меѓу две конференции;
-    се грижи за извршување на одлуките на Конференцијата и на повисоките органи на партијата;
-    дава политички оценки и потврдува политички ставови;
-    согласно условите од овој Статут донесува одлука за основање, односно престанок на месна организација;
- Претседателството на ОО СДУ има право и обврска во случај на нарушување на угледот на партијата непочитување и неспроведување на партиските ставови и одлуки донесени  од страна на ЦО, да побара оставка од Претседателот на Месната Организација;
-    донесува одлуки за основање интересовни форми на организирање на општинско ниво;
-    расправа и решава за други прашања што се во негова надлежност и што произлегуваат од програмските и статутарните одредби;
-    еднаш годишно поднесува извештај до Конференцијата на општинската организација.


Секретар на ОО на СДУ

Член 40
(1) секретарот на Претседателството на  ОО на  СДУ:
-    го организира внатрепартискиот живот во општинската организација, се грижи за следењето и извршувањето на одлуките, ставовите и заклучоците на органите на ОО СДУ;
-    ги подготвува седниците на Претседателсвото на ОО на СДУ;
-    учествува во градењето на политиката на ОО на СДУ ;
-    се грижи за спроведување на кадровската политика во ОО на СДУ;
-    се грижи за финансиското работење и е задолЖен за собирање на чланарина во ОО на СДУ;
(2)    Мандатот на  секретарот на ОО трае 4 години, со право на повторен избор

Член 41
(1)    Надзорниот одбор на општинската организација на партијата е составен од 5 члена.
(2)    Надзорниот одбор, од својот состав, избира Претседател на одборот.
(3)    Мандатот на Претседателот и на членовите на Надзорниот одбор трае 4 години, со право на повторен избор.
(4)    Надзорниот одбор работи на седници кои се одржуваат по потреба, а најмалку еднаш во три месеци.
(5)    Седниците ги свикува и со нив претседава Претседателот на Надзорниот одбор.
(6)    Надзорниот одбор ја оценува статутарноста на актите и на одлуките, ја контролира финансиската и деловната активност на организацијата и на Конференцијата и поднесува извештај за својата работа. Извршува и други работи предвидени со овој Статут и со одлуките на Конференцијата.
(7)    Доколку органите на општинската организација на партијата не се изјаснат за заклучоците на Надзорниот одбор на општинската организација тој е должен со своите согледувања и ставови да го запознае Надзорниот одбор на партијата.
(8)    На надзорниот одбор му се достапни сите релевантни податоци и документи, а за тоа е одговорен Претседателот на општинската организација.

Градска организација на град Скопје

Член 42
(1)    Градската организација на град Скопје на СДУ е облик на поврзување и дејствување на општинската организација на градот Скопје.
(2)    Претседателството на ЦО на СДУ во соработка со општинските организации на град Скопје ги утврдува овластувањата, обврските, надлеж¬ностите и одговор¬носта на градската организација.
(3)    Одлука за основање и престанок на дејствување на градска организација на град Скопје донесува Централниот одбор на партијата.


Месни организации

Член 43
(1)    Месната организација на СДУ е основен облик во којшто на определено избирачко место или на повеќе избирачки места се реализираат политичката волја и правата и обврските на членовите на партијата утврдени во овој Статут.

Член 44
(1)    Одлука за основање на месна организација донесува Претседателството на општинската организација на партијата, на барање од најмалку 5 члена на партијата, што е истовремено и минималниот број на членови за основање на месна организација.
(2)    За секое спојување, менување и укинување на месна организација, одлука донесува Претседателството на општинската организација.
(3)    Месната организација се состанува редовно, најмалку двапати месечно. Примерок од записникот воден на состанокот се доставува до Претседа¬телството на општинската организација. За активностите и вкупното дејствување на членовите, како и за облиците на дејствување и поврзување на подрачјето на месната организација се изготвува годишен извештај кој е предмет на оценка на состаноците на месната организација и на органите на партијата.
(4) Претседателот или секретарот на ОО СДУ присуствуваат на состаноците на месните организација најмалку еднаш месечно

Член 45
(1)    Членовите на месната организација одржуваат изборен состанок на којшто избираат претседател и секретаријат од 5 члена.
(2)    Во месните организации со помалку од 15 членови се избираат претседател, заменик-претседател на организацијата и благајник.
(3)    Мандатот на избраните лица трае четири години со право на повторен избор.
(4)  Во случај на оставка на претседателот на месната организација во рок од 15 дена се свикува  изборен состанок на МО. 

Член 46
(1)    Месната организација може полноважно да расправа и да одлучува ако на нејзините состаноци присуствува една третина од членовите на организацијата.
(2)    Одлуките, ставовите и предлозите на состаноците на месните организации се усвојуваат со мнозинство гласови од присутните.


Начин на одлучување

Член 47
(1)    Органите на СДУ полноважно одлучуваат ако на состаноците се присутни повеќе од половината од членовите коишто ги сочинуваат органите, а одлуките се донесуваат со мнозинство гласови од присутните.
(2)    Ако за исто прашање постојат повеќе предлози, за усвоен се смета оној предлог којшто добил мнозинство гласови од присутните.
(3)    Со Деловникот за работа или со посебна одлука може да се предвиди и посебна постапка за усвојување на одлуките во повеќе кругови на изјаснување, при што во процесот на изјаснување отпаѓаат предлозите со најмал број на гласови, се додека со изјаснувањето не се утврди дали некој од предлозите добил мнозинство гласови од присутните.
(4)    Ако при изјаснувањето значително малцинство, односно најмалку 30% од вкупниот број членови на органот се изјасни против донесувањето на одлуката или се воздржани, донесувањето на одлуката се одложува до наредната седница на соодветниот орган и тогаш одлуката се донесува со мнозинство гласови.
(5)    Малцинството од став 4 на овој член не смее да трпи никакви последици за изнесените ставови.

Избори и отповикување

Член 48
(1)    Постапката, начинот и критериумите за кандидирање, избор и отповикување на членовите на органите и носителите на функции во органите се утврдуваат со одлука на Централниот одбор.
(2)    Со одлука на Централниот одбор се утврдуваат критериумите и принципот на деакумулација на функции.

Член 49
(1)    Изборот на носителите на функции во СДУ се врши со тајно гласање.
(2)    Избрани се оние кандидати коишто добиле најголем број гласови, односно мнозинство од присутните.
(3)    Доколку во првиот изборен круг не биде избран ниту еден од кандидатите, во вториот изборен круг влегуваат двајцата кандидати кои освоиле најголем број на гласови, а за избран се смета кандидатот кој добил најголем број гласови.
(4)    Доколку и по вториот изборен круг ниту еден од кандидатите нема да биде избран, постапката на избор се повторува со нова листа.

Член 50
(1)    Изборот на членовите на органите на СДУ се врши со тајно гласање.
(2)    Избрани се оние кандидати коишто добиле најголем број гласови.
(3)    Ако при гласањето не е избран потребниот број членови на органот, дополнително се избираат онолку кандидати колку што е потребно за да се пополни составот на органот, на начин којшто се определува со Деловник или што ќе го утврди избирачкото тело.
(4)    Во сите органи на партијата мора да има најмалку 20% членови помлади од 30 години и најмалку 30% од обата пола.

Член 51
(1)    На органите на СДУ им е изгласана недоверба ако за таквата недоверба гласале повеќе од половината од присутните.
(2)    Во случај на изгласана недоверба, органите продолжуваат да ги извршуваат своите функции дефинирани со овој Статут до рокот утврден за избор на нов состав.

Член 52
(1)    Доколку на избраните органи на Републичката, односно општинската организација, им се изгласа недоверба, во рок од 30 дена, се закажува вонреден Конгрес, односно конференција за избор на нови органи, чиј мандат трае до крајот на постојниот мандат на Конгресот, односно Конференцијата.
(2)    Доколку се изгласа недоверба на Претседателот на партијата, во рок од 30 дена се свикува вонреден Конгрес и се врши нов избор на сите органи на партијата чиј мандат трае 4 години.
(3)    Доколку се изгласа недоверба на други носители на функции и органи, во рок од 30 дена, се свикува седница на соодветниот орган кој ги избира. Мандатот на новите членови трае до крајот на постојниот мандат.

Пратеници и советници на СДУ

Член 53
(1)    Постапката и критериумите за утврдување кандидати за пратеници и советници во собранијата на општините и на градот Скопје се утврдуваат со Правилник што го донесува Централниот одбор.

Член 54
(1)    Пратениците од СДУ, избрани во Собранието на Република Македонија, формираат Пратеничка група во Собранието заради координирање на сопственото дејствување.

Член 55
(1)    Членовите на Пратеничката група од своите редови избираат Координатор и Заменик-координатор.
(2)    Пратеничката група дејствува во согласност со правилата за работа на Пратеничката група што ги усвојува како свој Деловник, а во согласност со одлуката на Централниот одбор.

Член 56
(1)    Пратеничката група најмалку двапати годишно поднесува извештај за својата работа пред Централниот одбор и ја усогласува својата активност со него, којшто донесува свои оценки и ставови во однос на прашањата што се предмет на парламентарните дебати.

Член 57
(1)    Советниците во советите на општините и на градот Скопје од редовите на партијата формираат советнички групи заради координирање на своето дејствување.
(2)    Членовите на советничките групи од своите редови избираат координатори и заменик-координатори.
(3)    Советничките групи најмалку еднаш годишно поднесуваат извештаи за својата работа пред претседателствата на општинските организации.
(4)    Советничките групи редовно ја координираат својата работа со оние органи кои донесуваат оценки и ставови во однос на прашањата што се предмет на расправа на советите.


Форум на млади на СДУ

Член 58
(1)    Форумот на млади на СДУ е организација на младите членови во партијата којашто, врз основа на програмските документи на партијата, дејствува во рамките на партијата.
(2)    Одлука за основање и распуштање на Форумот на млади на партијата донесува Централниот одбор.

Член 59
(1)    Во активностите на Форумот на млади на СДУ можат да учествуваат и симпатизери на партијата.

Член 60
(1)    Членовите на Форумот на млади на СДУ избираат свои органи на сите организа¬циони нивоа и нивните претставници се директно вклучени во работата на органите на партијата.

Член 61
(1)    Организационата поставеност и односите во Форумот на млади на СДУ се регулираат со посебен акт-статут.


Форум на жени на СДУ

Член 62
(1)    Форумот на жени на СДУ е доброволна организација која ја сочинуваат жените членови на партијата.
(2)    Одлука за основање и распуштање на Форумот на жени на партијата донесува Централниот одбор.
Член 63
(1)    Во активностите на Форумот на жени на СДУ можат да учествуваат и симпатизерки на партијата.
Член 64
(1)    Членките на Форумот на жени на СДУ избираат свои органи на сите организациони нивоа.
Член 65
(1)    Организационата поставеност и делувањето на Форумот на жени на СДУ се регулираат со посебен акт - статут.


Стекнување и располагање со средствата на СДУ

Член 66
(1)    СДУ и нејзините организациони облици стекнуваат финансиски средства и друг имот од:
-    партиска членарина;
-    донаторство и прилози од членови и симпатизери;
-    други приходи од физички и правни лица;
-    Буџетот на Република Македонија.
(2)    Централниот одбор на партијата утврдува посебен Правилник за материјално-финансиското работење на партијата.

Престанок на функција во органите на СДУ

Член 67
(1)    Функција во органите на партијата престанува со отповикување или со поднесување оставка.
(2)    Одлука за отповикување на член на орган или носител на функција донесува органот на соодветното ниво на организираност од страна на оној којшто го извршил изборот, на начин на којшто се избраат членовите на органите или носителите на функции.
(3)    Во случај на отповикување, функцијата престанува во моментот на објавувањето на резултатите од гласањето за отповикување, а во случај на оставка со нејзиното констатирање од соодветниот орган.

Член 68
(1)    Предлог за отповикување може да поднесе Конференцијата на општинската организација на партијата, Претседателството на соодветното организационо ниво и Централниот одбор на партијата.
(2)    Предлог за отповикување на член на републички орган на партијата можат да поднесат Претседателот  на партијата или најмалку 1/3 од делегатите на Конгресот.
(3)    Член на Претседателството на Централниот одбор се отповикува на начин на којшто е избран на таа функција, а предлогот може да го поднесат Претседателот на партијата или Претседателството на Централниот одбор.
(4)    Претседателот на партијата се отповикува на начин на којшто е избран на таа функција, а предлогот може да го поднесат најмалку 1/3 од општинските организации на партијата или најмалку 1/3 од членовите на Централниот одбор, Претседателството или Надзорниот одбор.
(5)    Членот на органот или носителот на фукција, којшто со одлука е отповикан од должноста, има право на жалба во рок од 15 дена до Надзорниот одбор, чија одлука е конечна.

Член 69
(1)    Оставка на функцијата се поднесува до соодветниот орган.
(2)    Подносителот на оставката има право и должност писмено или усно да ја образложи оставката.


Распуштање на организационен облик на СДУ

Член 70
(1)    Централниот одбор може да донесе одлука за распуштање на организационен облик на партијата поради целосно престанување на неговата работа, поради намалување на обемот на дејноста на органот или поради неостварување на програмските, статутарните и политичките цели на партијата.
(2)    Против одлуката за распуштање може, во рок од 15 дена да се поднесе жалба од страна на органот на којшто се однесува таа одлука.
(3)    Жалбата се поднесува до Надзорниот одбор, чија одлука е конечна.

Член 71
(1)    Ако одделни органи на организационите облици на партијата и организации коишто дејствуваат во рамките на партијата не ги остваруваат програмските, статутарните определби и политичките цели на партијата, Централниот одбор може да иницира или да свика седница на Конференцијата на соодветното ниво заради гласање за доверба на органот и евентуално избор на нов орган.
(2)    До свикување на конференцијата од став 1 на овој член Централниот одбор може да именува привремено раководство.


Престанок на СДУ и постапување со имотот

Член 72
(1)    СДУ може да престане да дејствува :
-    со одлука на Конгресот, донесена со 2/3 мнозинство од вкупниот број членови на Конгресот, а по претходна расправа во партијата;
-    кога бројот на членовите ќе се намали под законски определениот број за негово основање.
(2)    За престанок на партијата во случаите на став 1 алинеја 1 и 2 од овој член Претседателот на партијата или лице кое го заменува, односно овластено лице од него го известува соодветниот суд во Скопје заради бришење на партијата од судскиот регистер.

Член 73
(1)    Со одлуката за престанување со работа, Конгресот решава и на кого ќе му го даде (отстапи, подари) имотот на СДУ.

III. ПРЕОДНИ И ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ

Член 74
Измените и дополнувањето на овој Статут ги врши Конгресот на СДУ, со мнозинство гласови од вкупниот број членови присутни на Конгресот.

Член 75
Статутот влегува во сила со денот на донесувањето.

Член 76
Сите општи акти на партијата се донесуваат во рок од 60 дена од денот на неговото донесување.

 

Скопје

03.07.2016

 

Претседател на СДУ

Чедо Николовски

                                                   

Контакт инфо

Ул. 30 Бр. 45 Радишани - Бутел
1000 Скопје
Македонија 

Тел: 078 / 370 - 201
Email :
Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.